Кампот предвидува сегментирани тренинзи за посебни групи на деца поделени по возраст и пол, индивидуални тренинзи за надградба на ракометари/ки од 13-16 годишна возраст, часови по пливање, едукативни предавања во дел на спортска психологија и начин на исхрана за спортисти, многу дружење и забава
Едуцирани тренери специјализирани за работа со деца од најмала возраст, стручњаци со највисока мастер коуч лиценца, професори по психологија и спортска медицина, како и нутриционисти, ќе работат со момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 16 години на премиерното издание на ракометниот камп „40х20“ што ќе се одржи во јуни во Охрид, во организација на агенцијата КМГ Груп Спорт, како дел од проектот „Ракомет за секое дете“. Кампот ќе се одржи во хотелскиот комплекс „Аквалина“ на брегот на Охридското Езеро од 19 до 24 јуни, со учество на 75 деца од земјава и од странство.
Кампот предвидува сегментирани тренинзи за посебни групи на деца поделени по возраст и пол, индивидуални тренинзи за надградба на ракометари/ки од 13 до 16- годишна возраст, часови по пливање, едукативни предавања во дел на спортска психологија и начин на исхрана за спортисти, многу дружење и забава.
Секој учесник на кампот со реализација на програмата и планот за работа, со поставување на цели и задачи, ќе го збогати, усоврши и надгради своето ракометно знаење, на индивидуални и групни тренинзи и останатите активности. Преку програмата, секој учесник на кампот ќе се стекне со следните каракеристики и вредности:
– привикнување на групна работа, дисциплина, грижа за хигиена на заедничкиот простор, грижа за опремата, дисциплина при заеднички оброци;
– развивање на тимска работа, пријателски однос, вреднување на меѓусебните разлики, вреднување и почитување на соиграчот и самовреднување;
– привикнување на напорна работа, на тренажен процес карактеристичен за врвни спортисти, прифаќање на победите и поразите како составен дел од спортот;
– создавање слика за моменталната состојба, вредонстите и недостатоците, но и начинот на отстранување.
Организаторот на кампот, преку менаџерот на агенцијата Горан Ѓоргоноски, склучи соработка со основачот и главниот двигател на проектот „LEVEL UP“, професор Кристијан Грчевски, како резидент-тренер, во насока на реализација на програмата за индивидуален пристап за секој учесник на кампот. „LEVEL UP“ e проект насочен кон индивидуален пристап и работа со млади ракометари/ки, на кои им е потребна дополнителна надградба и усовршување на ракометните вештини.
Покрај Грчевски, со младите македонски ракометари ќе работи тренерот со мастер коуч диплома, професор Никола Матлиески, кој поседува исклучително богато искуство во работата со млади категории и кој последните неколку години работи на ниво на сениорскиот ракомет, продолжувајќи ја својата мисија за развој на млади македонски ракометари.
На кампот како тренери ќе работат и професорите Јаковче Матлиески, Златко Стојковски и Благојче Весиќ, кои се вклучени во проектот „Ракомет за секое дете“, поранешните ракометни репрезентативци на Македонија, а сега во улога на тренери на најуспешните македонски колективи, Александар Јовиќ, Радослав Стојановиќ, како и тренери од странство, во името на Мартин Нихлен кој долги години е специјализиран во работата со малди категории во својата родна Шведска. Покрај тренерите, за време на кампот предвидено е и неколкумина актуелни репрезентативци на Македонија да ги посетат и да се дружат со камперите.
Кампот покрај тренинзи, во својата програма предвидува и предавања од спортска психологија на тема комуникација и социјализација во спортот, изградба на личноста во спортот и мотивација со професор п-р Мирослав Пендаровски и здрава исхрана и здрави навики со професор д-р Ванчо Поп-Петровски.
Секој учесник на кампот, пред самото одржување ќе биде прегледан во „Жан Митрев“ Клиника, што е од исклучително значење за самиот настан, имајќи предвид значењето на здравствената заштита, но и превенција кај спортистите, особено оние најмладите.
Пријавувањето е во завршна фаза, а сите заинтересирани можат да се пријават на следниот линк.