Фото: Маја Јаневска-Илиева

Меѓу добитниците на признанијата за најдобар играч на еден натпревар на СП 2023, 35 се голмани, 18 централни бека, 15 леви бека, 10 десни бека…, а меѓу најдобрите на еден натпревар има и двајца Македонци, голманите Никола Митревски (на мечот со Алжир) и Мартин Томовски (на средбата со Мароко)

Со преостанати 16 натпревари, кои почнаа вчера, 28-то Светско првенство во ракомет за мажи во Полска и во Шведска влезе во својата завршна фаза, а најквалитетните ракометари и репрезентации се обидуваат да стигнат до титулата светски првак, пишува Светската ракометна федерација (ИХФ) на официјалната интернет-страница.
До четвртфиналните натпревари и пласманот во Президент-купот беа одиграни вкупно 96 натпревари на ова СП. По одигрувањето на секој натпревар беше прогласуван и најдобар играч на мечот, кој добива можност да ѝ ги пренесе својот талент и љубов кон ракометот на следната генерација, со донирање ракометна опрема. И не е изненадување што осумте репрезентации што се најдоа во четврт-финалето доминираат според бројот на наградените. Така, Египет, Франција, Германија, Норвешка и Шпанија имаат по пет награди во нивните шест досегашни одиграни дуели, а Данска и Шведска ја освоија оваа наградата во секој од нивните натпревари на СП 2023.
Осмата репрезентација, Унгарија, досега има две вакви признанија, а Јужна Кореја има импресивни пет награди од нивните шест настапи досега (вчера се сретна со Македонија во Президент-купот, во натпреварот за пласман на 27-то место).
Меѓу наградуваните најмногу има голмани, 35, а потоа се 18 централни бека, 15 леви бека, 10 десни бека, девет леви крила, пет десни крила и четворица пикери, пишува ИХФ. На минатото СП, во 2021 година во Египет, најмногу наградени имаше десни бекови, 21, а потоа 20 голмани, 17 леви бека, 13 леви крила, 12 централни бека, девет линиски играчи и шест десни крила. На СП 2019 во Германија и во Данска предничеа левите бекови со 18 признанија за најдобар играч на еден меч, а потоа на листата беа 16 голмани, 14 централни бека, 12 леви крила…
Во однос на континенталните федерации, сите пет што се присутни на СП 2023 освоија награди, а Европа има најмногу засега (63), земајќи по две третини од сите доделени награди.
Со оглед на тоа што Данска и Шпанија досега имаат 11 награди за најдобри играчи, не е изненадување што двајца од нивните клучни ракометари се на врвот на номинациите, но и на многу различни краеви на ракометниот терен. Така, десниот бек на Данска, Матијас Гидсел, освои половина од наградите, три, на неговата селекција досега, а му се придружи и извонредниот голман на Шпанија, Гонзало Перез де Варгас, исто така, со три признанија.
Меѓу прогласените за играчи на натпревар на СП 2023 има и двајца македонски репрезентативци, и тоа голмани. Првото признание му припадна на Никола Митревски на натпреварот со селекцијата на Алжир, а второто на вториот репрезентативен голман, Мартин Томовски, кој беше најдобар на дуелот со Мароко, и двајцата во натпреварите од Президент-купот. Г.И.


НАЈДОБРИ ИГРАЧИ НА МЕЧ

голман 35
централен бек 18
лев бек 15
десен бек 10
лево крило 9
десно крило 5
пикер 4

НАГРАДИ ПО КОНТИНЕНТАЛНИ ФЕДЕРАЦИИ
КОНТИНЕНТ РЕПРЕЗ. НАГРАДИ
Европа 17 63
Африка 5 12
Азија 5 10
Ј. Америка 4 7
С. Америка 1 4
пред мечевите од четврт-финалето и дуелите за пласман од 25-то до 32-то место