Фото: ЕПА

Борбеноста, брзите контри и полуконтри, бескомпромисната одбрана и познатиот германски менталитет да се игра на победа до последната секунда, предводени од искусните Гретцки и Волф, се главните адути на избраниците на селекторот Гисласон

РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ ПРОТИВНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2024 (2)

Репрезентацијата на Германија, вториот ривал на Македонија на 16. Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи (10-28 јануари), пред своите навивачи, сигурно ќе биде еден од конкурентите за медал. И Германија (како и Франција, првиот ривал на Македонија) е ракометна велесила, која досега настапила на 14 ЕП (вкупно 97 меча, 112 бода, 49 победи, 14 нерешени и 34 порази), а апстинирала само на ЕП 2014 во Данска. Зад себе има две злата и по едно сребро и бронза и е на шестото место од 29 држави по бројот на медали. Германија, која има најсилна ракометна лига во светот, го подигнала европскиот славенички пехар во Словенија 2004 (во финалето совладана Словенија со 30-25) и во Полска 2016 (победена Шпанија со 24-17), втора била во Шведска 2002, а трета во Италија 1998 година. Германците на ЕП еднаш биле и четврти, двапати петти, двапати седми, еднаш осми, трипати деветти и еднаш 10-ти.
Како обединета Германија, популарните „панцири“ имаат и едно злато од СП, освоено токму во Германија 2007, кога во финалето ја победија Полска со 29-24 и едно сребро во Португалија 2003, кога загубија од Хрватска со 31-34.
Предводени од познатиот исландски селектор Алфред Гисласон, Германија на ова ЕП е без неколку познати ракометари, кои се збогуваа од репрезентацијата, но тука се искусното десно крило Патрик Грецки и голманот Андреас Волф, кои секако ќе бидат мотивирачки фактор за другите. Во ростерот се и младите играчи, десниот бек Ренарс Усчинс, средниот бек Нилс Лихтлајн и пикерот Јустус Фишер, кои лани триумфираа на СП за младинци.
Во репрезентацијата има ракометари од 12 клуба, од кои 11 се германски: Левен (четири играчи), Хановер (четири), Магдебург (два), а по еден репрезентативец имаат Кил, Меслунген, Фленсбург, Гепинген, Гумерзбах, Штутгарт, Ерланген, Фуксе Берлин и полски Киелце. Борбеноста, брзите контри и полуконтри, бескомпромисната одбрана и познатиот германски менталитет да се игра на победа до последната секунда, се главните адути на Гисласон.
Македонија досега на ЕП играла двапати со Германија и има резултат од еден пораз и едно реми. Загуби на ЕП 2012 во Србија, минимално со еден гол, 23-24 иако на полувремето беше 12-12, додека вториот пат на ЕП 2018 во Хрватска одигра нерешено 25-25 (11-12). Дуелот со фаворизираната Германија ќе се игра во Берлин на 14 јануари (20.30 ч.). Г.И.


Состав на Германија за ЕП 2024

ГОЛМАНИ: Андреас Волф (Киелце), Давид Шпат (Левен). ЛЕВИ БЕКОВИ: Мартин Хане (Хановер), Себастијан Хејман (Гепинген), Јулијан Костер (Гумерзбак), Филип Вебер (Магдебург). СРЕДНИ БЕКОВИ: Јури Кнор (Левен), Мариан Михалчик (Хановер), Нилс Лихтлајн (Фуксе Берлин). ДЕСНИ БЕКОВИ: Каи Хафнер (Штутгарт), Ренарс Усчинс (Хановер), Криштоф Стаинарт (Ерланген). ЛЕВИ КРИЛА: Руне Дамке (Кил), Лукас Мертенс (Магдебург). ДЕСНИ КРИЛА: Тимо Кастенинг (Меслунген), Патрик Грецки (Левен). ПИКЕРИ: Јустус Фишер (Хановер), Јаник Колбахер (Левен), Јоханес Гола (Фленсбург).