Фото: РК Алкалоид

Македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид го запиша првиот триумф во Европската лига на ЕХФ, откако вечерва славеше со 28-27 во шестото коло од групната фаза.

Ла Риоха играше добро во поголем дел од првото полувреме, па во еден момент водеше и со пет гола разлика (10-5), но Алкалоид го засили темпото во завршницата на првите 30 минути и направи пресврт пред паузата (15-13).

Алкалоид зголеми на 18-14 на почетокот на вториот дел, по што следеше серија од 5-0 на Ла Риоха која поведе со 19-18. Сепак, македонскиот тим не се предаваше и се бореше храбро до завршницата во која го скрши шпанскиот ривал и славеше со 28-27.

Марко Митев со 10 голови беше најефикасен во победничкиот тим, но голема заслуга за триумфот има и голманот Иван Галевски кој запиша 17 интервенции.

Алкалоид заврши на третата позиција во групата Ф со три бодови, колку што имаше Ла Риоха, додека пред нив беа Војводина со осум и Бјеринбро/Силкеборг со 10 бода.