Сигурно дека настапот за сениорската репрезентација беше голем предизвик за мене и ми даде мотивација да продолжам понатаму со макотрпна работа, желба за успех и напредок. Ние, спортистите, секогаш се трудиме да напредуваме и со нашата работа трудот секогаш се исплатува. Плановите со Металург се секогаш на високо ниво, а на терените ќе ја покажеме нашата желба за победа, вели македонската ракометна надеж Младеновска

ИВА МЛАДЕНОВСКА, РАКОМЕТЕН БИСЕР НА МАКЕДОНИЈА

Младата ракометарка, членка на Металург, Ива Младеновска, секако е најперспективната македонска ракометарка. Таа со само 14 години е најмладата што го облекла сениорскиот дрес на репрезентацијата, но најмлада е и во селекциите до 17 и до 19 години. Таа неодамна беше повикана од селекторот Љубомир Савевски за дуелите во првото коло на Еврокупот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), против Црна Гора, а со Металург во дуелот со Дуделанж, во второто коло од Европскиот куп (ЕК), во реванш-мечот ја наполни противничката мрежа постигнувајќи дури девет гола.
– Mногу сум му благодарна на селекторот Савевски и на целиот стручен штаб што ми дадоа шанса на 14 години да дебитирам за сениорската селекција. Сигурно дека ова беше голем предизвик за мене и ми даде мотивација да продолжам понатаму со макотрпна работа, желба за успех и за напредок. Чувствував позитивна трема, што е нормална кај секој спортист. Имав голема поддршка од поискусните ракометарки и тоа ми овозможи лесно да се вклопам во сениорскиот тим, секако, трудот и желбата, исто така, беа многу битни. Ние, спортистите, секогаш се трудиме да напредуваме и со нашата работа трудот секогаш се исплатува – вели десниот бек Младеновска.
Младеновска со младата репрезентација на Македонија постигна голем успех со освојувањето на шампионатот на ЕХФ за ракометарки до 17 години во Литванија, а по блескавата игра (меѓу другото, во полуфиналето со Полска постигна 12 гола) беше избрана за најкорисна ракометарка (МВП) на турнирот.

– Најмногу ме радуваат тимскиот дух и тимската работа, тоа што бевме сите поврзани како една целина. Индивидуалното признание е резултат на целата тимска работа и мојот придонес за екипата. Ако морам да избирам, сепак, подраг ми е златниот медал, бидејќи ракометот е колективна игра каде што победува екипата, а не поединецот – вели Младеновска.
Оптимистички расположена е и околу плановите со матичниот клуб Металург за сезонава.
– Плановите со Металург се секогаш на високо ниво, а на терените ќе ја покажеме нашата желба за победа – рече Младеновска.
За „виновникот“ да почне да тренира ракомет вели: „Главниот ’виновник‘ бев самата јас, секако, со голема поддршка од моите родители. Почнав да тренирам на осум години“. Како и секој млад спортист и таа има свои спортски идоли и вели: „Ми се допаѓа играта на одредени играчи, можам да ги издвојам Нора Мерк и Кирил Лазаров“.
Нејзината ракометната желба оди во две насоки.
– Би сакала да станам светска ракометарка, да играм во Лигата на шампионите и да настапувам на големи натпреварувања со репрезентацијата на Македонија. На сите млади играчи им препорачувам да веруваат и да се вложуваат целосно во она што сакаат да го постигнат – вели македонската ракометна надеж Младеновска.


Црвенковска: Ива е извонреден талент

Ива Младеновска е извонреден талент, борбена, храбра, одлучна, дисциплинирана и послушна, затоа и толку брзо напредува. Но тој талент треба и понатаму да се гради, чекор по чекор. Потенцијал има, само треба да продолжи правилно да се работи со неа за да го достигне врвот, односно не треба да се прескокнува ништо во нејзиниот развој и затоа е на вистинскиот пат. Покрај тоа што работи како што треба во тренажниот процес, таа почнува да работи и на себеразвивање во правилен спортист со спортски начин на живеење. Кои задачи и да ѝ се дадат на теренот, таа успешно ги спроведува. Така тренира, така работи, така и напредува. Ива е ракометарка што сигурно се развива на бековска позиција, но може да покрие на крилна, токму во овие периоди, кога го поминува патот на развој во сите млади категории, вели Јулијана Црвенковска, тренерка во РК Металург.