Доста е!

Еве, земјава може да ѝ излезе во пресрет на Бугарија и да организира еден референдум на кој секој што се чувствува како Бугарин, да може така и да се изјасни. Референдумот нека го набљудува и ОБСЕ, нека дојдат и бугарски набљудувачи, само еднаш засекогаш да се расчисти со наводната бугарштина тука. Ако бројноста биде толкава колку што тврди Софија, тогаш Бугарите треба да се во Уставот, но ако бројката е симболична, тогаш Бугарија трајно да го отстрани ветото и да се откаже од секаква понатамошна блокада, сето тоа заверено со потпис пред меѓународната заедница. А со оглед дека источниот сосед е „европска“ и „демократска“ земја која ги „почитува“ критериумите на ЕУ, тогаш сигурно нема да ѝ биде проблем да организира сличен референдум и во Пиринска Македонија, да можат и таму луѓето слободно да се изјаснат како се чувствуваат. Тие не бараат да влезат во бугарскиот Устав, туку си ги бараат само основните малцински права

Без оглед на сите пораки на охрабрување што изминатиот период дојдоа и од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, претходно и од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, но и од официјален Вашингтон, кој бара итен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, повеќе од извесно е дека тоа нема да се случи ниту во декември ниту во март, а можеби и никогаш?!
Ако се следат актуелните случувања и изјави на бугарските политичари, тогаш јасно е дека Бугарија ќе ја крене рампата само кога Македонците ќе се изјаснат дека се Бугари, дека јазикот им потекнува од бугарскиот и дека историјата им е бугарска. Колку сакаат нека преговараат комисиите, дипломатите, политичарите, таквиот став нема да се промени и затоа и самите преговори губат секаква смисла.
Некој, веројатно, ќе се запраша на што се темели оваа песимистичка констатација, па затоа подолу во текстот ќе посочиме на три моменти што водат кон ваквиот рационален заклучок.
Прво, во време кога Бугарија се наоѓа во перманентна политичка криза бидејќи не може да формира влада и по два изборни циклуса, кога ЕУ ја рангира како најсиромашна и најкорумпирана земја-членка, кога лошо ги менаџира и економијата и пандемијата, кога буквално не знае во кој правец да се движи, неа и натаму во главниот фокус ѝ е Македонија.
Таа, без оглед што бугарските интелектуалци од висок ранг сè повеќе почнаа да алармираат дека земјата го губи компасот и треба итно да се посвети на домашните проблеми, продолжува во својата спирала на тонење да ја повлекува Македонија, блокирајќи го нејзиниот напредок со постојани уцени и навреди.
Јасно е дека во соседната земја никој не сака да превземе одговорност за непријатните работи што треба да се направат за да почнат да се решаваат наталожените проблеми во сите сфери, па наместо тоа, на бугарските граѓани им се продава романтичарскиот сон, кој повеќе од очигледно е дека почнува да се претвора во кошмар за сите.

Втора работа, неодамнешната порака на американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој изјави дека на овој регион му се потребни политички лидери посветени на европската интеграција, отворени за дијалог, кои ќе се занимаваат со можностите на 21 век, а не со проблемите од минатото, не е упатена само до лидерите од земјите во регионот што не се членки на ЕУ, туку и до оние што работат контра американските интереси на овие простори. И претходно Вашингтон притискаше врз официјална Софија да ги одблокира пристапните преговори на Македонија, но бугарските власти на тоа дрско одговорија дека нема да потклекнат под никаков притисок, дури и да е од САД, кога станува збор за спорот со Македонија. Парадоксално е колку истата таа Бугарија лесно попушташе кога ќе заѕвонеше американскиот црвен телефон и беспоговорно ги раскинуваше потпишаните договори за изградба на нуклеарки плаќајќи дебели пенали, се премислуваше за гасоводи и многу други поважни и постратегиски проекти за земјата, протеруваше дипломати, но кога станува збор за решавање на македонското прашање, ништо не може да ги премисли.
Трето, без оглед на конфузната политичка состојба дома, без оглед на повиците од САД за гледање во иднината, а не во минатото, Бугарија сега презема нова офанзива за убедување на меѓународната заедница колку наводните Бугари во Македонија се угнетени и дека треба тие да станат уставотворен народ во земјава. Таквите барања доаѓаат од бугарскиот претседател Радев, но и од политичари што претендираат да ја освојат власта, како Бојко Борисов. Тие се сретнале со македонските Бугари, кои лично им пренеле колку биле тука „угнетени“.

Убаво ќе беше Радев, Борисов и другите бугарски политичари да ги примеа и Македонците во Бугарија и да слушнат дали и тие се угнетени и да им кажат зошто е толку проблематично да имаат свое здружение, кога овдешниве „Бугари“ сакаат да влезат дури и во македонскиот устав.
Има многу едноставен начин како да се разобличи ова, а решението е преку соопштување на резултатите од неодамнешниот попис во Македонија. Ќе се види колку се изјасниле како Бугари и врз основа на тоа може да се преземаат понатамошни чекори. Сепак, да нема никој илузии, јасно е дека Софија нема да ги признае резултатите од пописот во земјава со образложение дека граѓаните биле заплашувани и не можеле да се изјаснат слободно. Но и за тоа има решение. Еве, земјава може да ѝ излезе во пресрет на Бугарија и да организира еден референдум на кој секој што се чувствува како Бугарин, да може така и да се изјасни. Референдумот нека го набљудува и ОБСЕ, нека дојдат и бугарски набљудувачи, само еднаш засекогаш да се расчисти со наводната бугарштина тука. Ако бројноста биде толкава колку што тврди Софија, тогаш Бугарите треба да се во Уставот, но ако бројката е симболична, тогаш Бугарија трајно да го отстрани ветото и да се откаже од секаква понатамошна блокада, сето тоа заверено со потпис пред меѓународната заедница. А со оглед дека источниот сосед е „европска“ и „демократска“ земја што ги „почитува“ критериумите на ЕУ, тогаш сигурно нема да ѝ биде проблем да организира сличен референдум и во Пиринска Македонија, да можат и таму луѓето слободно да се изјаснат како се чувствуваат. Тие не бараат да влезат во бугарскиот устав, туку си ги бараат само основните малцински права.

Секако, овој предлог е чиста утопија, но најдобро ја илустрира бугарската ирационална позиција кон Македонија и нивниот инает, инает зошто Грците добиле сè со Преспанскиот договор, а тие извисиле. Токму затоа не треба да се надеваме на некаква добра вест од источниот сосед во скоро време.
Како и да е, нивната лицемерна политика ќе продолжи, но треба да престане нашата патетична подготвеност за постојани компромиси и себепонижување. Треба некој и тука да се одважи и да каже „Доста е!“. И навистина е доста.