Легендарниот фудбалски тренер и поранешен селектор на хрватската фудбалска репрезентација Мирослав Ќиро Блажевиќ почина денеска во Загреб на 88-годишна возраст, по долго и тешко боледување.
Блажевиќ е роден на 10 февруари 1935 година во Травник, Босна и Херцеговина, а фудбалската кариера ја почнува во локалниот клуб Братство. Потоа настапува за загрепските клубови Динамо и Локомотива, од каде што се сели во Сараево каде што игра до 1958 година.
Следните три години настапува за тимот на Риека, а потоа е член на швајцарскиот Сион.
Тренерската кариера ја започнал во швајцарскиот нисколигаш Веве. Водел вкупно 19 клуба во Швајцарија, Хрватска, Грција, Словенија, Босна и Херцеговина, Кина и Иран и бил тренер на пет репрезентации (Швајцарија, Хрватска, Иран, Босна и Херцеговина и кинеската репрезентација до 23 години).
Најголемиот успех во кариерата го постигна со Динамо Загреб во 1982 година, кога стана шампион на Југославија, како и со селекцијата на Хрватска, со која освои бронза на Светското првенство во Франција во 1998 година. Блажевиќ е единствениот тренер кој со клубот Динамо освоил шампионски титули во СФРЈ и Хрватска, а воедно и единствениот што го освоил фудбалскиот куп во СФРЈ и Хрватска.
Го водеше Динамо во четири различни мандати и освои три титули во лигата, два купа и еден Суперкуп.
Хрватската фудбалска репрезентација ја водеше 72 пати (33 победи, 24 нерешени и 15 порази).
Тој е единствениот во историјата кој трипати ја добил државната спортска награда „Фрањо Бучар“, а последниот јавен настап го има во декември минатата година, кога во Загреб ја доби наградата „Владимир Беара“ за придонес во развојот на спортска култура и социјална толеранција.