Берлин 1972 година: Потсетување за подадена рака на Македонците

Како бискуп на Евангелската црква во Берлин им излезе во пресрет на Македонците во иницијативата за формирање црковна општина? Бискупот на Евангелската црква во Берлин, Курт Шарф, не само што изразил задоволство што има иницијатива за создавање македонска православна црковна општина (МПЦО) „Свети Климент Охридски“, туку дал цврсти гаранции дека Евангелската црква материјално ќе ја помогне македонската црква во Берлин. Односно ветил дека Евангелската црква ќе даде простории за Македонската црква и дека за свештеникот што ќе биде испратен од Скопје ќе има обезбедено плата

По завршувањето на Втората светска војна, а особено во текот на 1960-тите години, голем број Македонци ја искористија можноста поради отвореноста на германското општество за примање работна сила од странство. Бројот на Македонците во Германија рапидно се зголемуваше, а како што се зголемуваше бројот така започна и нивно организирање во активности, настани и прослави, кои имале национално-културен и верски карактер.
Па така, со зголемувањето на бројот на Македонците иселеници, во Западен Берлин се јавила и реална потреба македонските верници да ги реализираат своите духовни потреби во македонска црква на македонски јазик. За таа цел, во ноември 1972 година група македонски иселеници предводени од македонскиот активист и бизнисмен во Германија, Гојко Јаковлески, во Западен Берлин формирале Иницијативен одбор (ИО) за создавање македонска православна црковна општина (МПЦО) „Свети Климент Охридски“.
Членовите на ИО најпрво оствариле средба со претставниците на Евангелската црква во Берлин, кои биле одговорни во активностите на црквата во помагање на православните цркви во Берлин. По нивна иницијатива организирале средба на членовите на ИО со бискупот на Евангелската црква во Берлин, Курт Шарф. Таа средба се одржала на 4 ноември 1972 година. Според сеќавањата на Гојко Јаковлески и расположливата документација од неговата домашна архива, состанокот траел еден час во пријатна и пријателска атмосфера. Бискупот Шарф не само што изразил задоволство што има таква иницијатива туку дал цврсти гаранции дека Евангелската црква материјално ќе ја помогне македонската црква во Берлин. Односно им било ветено дека Евангелската црква ќе даде простории за Македонската црква и дека за свештеникот што ќе биде испратен од Скопје ќе има обезбедено плата. За сето ова да биде остварено од Евангелската црква на Германија, Македонската православна црква требало да испрати официјално барање адресирано до него.

Иако била најавена помошта од страна на Евангелската црква за Македонската православна црква, сепак југословенската дипломатска активност во содејство со Српската православна црква ја попречила реализацијата на оваа иницијатива. Нивните изговори против формирањето на МПЦО оделе во насока дека православните Македонци што живееле во Берлин можеле да ги задоволуваат своите духовни потреби во Српската црква затоа што повеќето од нив биле на привремена работа, наедно и да не се правела поделба помеѓу „Југословените“ во Берлин.
Меѓутоа, Македонците не се откажале од идејата да имаат своја македонска црква. Во нови услови и во ново време, поточно по 19 години се реализира оваа иницијатива и се формира МПЦО „Св. Климент Охридски“.
Која е причината што Евангелската црква во Германија излегла во пресрет на духовните потреби на православните Македонци во Берлин? Како прво треба да се земе предвид профилот на личноста на Курт Шарф, кој во еден период бил и претседател на Советот на Евангелската црква во Германија. Тој бил голем хуманист, христијански пацифист и отворен за соработка со сите црковни деноминации. А како потпретседател на Светската библиска асоцијација, тој бил голем поддржувач на ширењето на Библијата насекаде во светот и затоа излегувал во пресрет на барањата на различните христијански деноминации за отворање цркви во Германија. Токму тоа познавање на профилот на личноста на Шарф било клучно македонските иселеници да ја насочат надежта кон него за реализација на нивната идеја за основање духовно-просветен дом во Берлин.