Фото: Бундес лига

Украинскиот ракометен клуб Мотор од Запорожје поради војната во својата земја  во сезоната 2022/23 ќе настапува во втората германска лига, а генералниот директор на натпреварувањето Франк Бохман истакна дека тоа е голема шанса за германскиот ракомет.

– Верувам дека вклучувањето на Запорожје во нашата втора лига ќе биде голема реклама за германскиот ракомет. Во Германија живеат приближно еден милион Украинци кои ќе можат да ја поддржат својата екипа во нашата лига – изјави Бохман.

– Уверен сум дека германските ракометари, а и луѓето кои не следат ракомет ќе ја поддржат украинската екипа на нејзиното патување низ Германија. Секој натпревар на Запорожје во Германија ќе биде шанса да ја покажеме својата гостопримливост и да испратиме порака за мир, порача шефот на елитната германска ракометна лига Уве Швенкер.

Украинскиот ракометен гигант од Запорожје своите „домашни натпревари“, но и меѓународни, исто така, ќе ги игра во Дизелдорф.

Мотор Запорожје изминатите години настапуваше во ракометната Лига на шампиони, а во оваа сезона ќе игра во Лига Европа.