КОШАРКА

Ова е концепт што се врти во лигата околу 15 години. Тоа не е нов концепт во спортот. За оние што го следат особено меѓународниот фудбал, тоа е долга традиција да има турнири во сезоната, па си помисливме, каква совршена можност за глобална лига како НБА и совршено одговара за нашата игра, вели комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер, за новото натпреварување со вкупен награден фонд од околу 18 милиони долари

Кошаркарската НБА-лига ги откри деталите за својот инаугуративен турнир во сезоната, Купот на НБА, кој ќе има награден фонд од околу 18 милиони долари, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Мечевите треба да почнат на 3 ноември, а финалето на фајналфор-турнирот во Лас Вегас е предвиден да се игра на 9 декември.

– Ова е концепт што се врти во лигата околу 15 години. Тоа не е нов концепт во спортот. За оние што го следат особено меѓународниот фудбал, тоа е долга традиција да има турнири во текот на сезоната, па си помисливме, каква совршена можност за глобална лига како НБА и совршено одговара за нашата игра – вели комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер.

Наградите на турнирот за играчите со стандардни договори ќе бидат по 500.000 долари за оние од победничкиот тим, по 200.000 долари за второпласираните, по 100.000 долари за поразените во полуфиналињата и по 50.000 долари за оние од тимовите што ќе загубат во четврт-финалето.

– Можам да видам која би можела да биде целта. Тоа ви дава уште една шанса да освоите нешто, навистина. Мислам дека тоа е голем дел – рече бекот на Мајами, Џош Ричардсон, кој внимателно го следи глобалниот фудбал и ги разбира паралелите што ги прави Силвер кога го споредува со турнирите во сезоната што ги има спортот низ светот, пишува АП.

Тимовите беа распоредени во шест групи со по пет тима, ќе играат по еден натпревар еден против друг, шесте победници на групите ќе се пласираат во четврт-финалето, како и најдобрите две второпласирани од групите.
Сите натпревари од Купот на НБА, освен финалето, ќе се сметаат за пласманот во регуларната сезона, во која секој тим ќе одигра по 82 меча.