КОШАРКА – ЕВРОЛИГА
Кошаркарот на германски Баерн, Ник Вајлер-Бaб е прогласен за најдобар одбранбен играч во Евролигата за сезоната 2024/2025, соопшти Евролигата на својата официјална интернет-страница. Вајлер-Баб сезонава во Евролигата имаше просек од 8,4 коша, пет асистенции, 4,2 скока и 1,6 украдени топки по натпревар и стана првиот играч на Баерн што ја освоил оваа престижна награда, оставајќи ги зад себе Валтер Таварес од Реал Мадрид и Алфа Диало од Монако, во изборот што го направија тренерите на сите тимови во Евролигата.
Шарунас Јасикевичиус од Фенербахче е избран за тренер на сезоната 2024/2025 и ја доби наградата „Александар Гомелски“, со што стана првиот тренер од Литванија што ја добил оваа награда, во избор на неговите колеги во Евролигата. Јасикевичиус е првиот што ја освоил Евролигата како играч и подоцна е прогласен за најдобар тренер на натпреварувањето. Тој освои титули со Барселона, Макаби Тел Авив и со Панатинаикос и беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на фајналфорот во 2005 година, пишува Евролигата. Досега наградата за најдобар тренер ја добиваа Жељко Обрадовиќ (трипати), Георгиос Барцокас (трипати), Еторе Месина (двапати), Пабло Ласо (двапати) и Димитрис Итудис (двапати), Пини Гершон, Душко Вујошевиќ, Чави Пасквал, Душан Ивковиќ, Дејвид Блат, Ергин Атаман и Чус Матео, пишува Евролигата.
Евролигата претходно ја додели и наградата „Алфонсо Форд“ за најдобар стрелец, која ја доби Кендрик Нан од Панатинаикос, а наградата „Ѕвезда во подем“ му припадна на Надир Хифи од екипата на Париз. Евролигата наскоро ќе го објави и најкорисниот играч (МВП) за сезонава. Г.И.