Центарот на Реал Мадрид во изборот на тренери на сите екипи од Евролигата, зад себе ги остави Томас Вокап од Олимпијакос и играчот на Монако, Џон Браун
КОШАРКА – ЕВРОЛИГА
Кошаркарот на Реал Мадрид, Валтер Таварес по третпат во својата кариера е прогласен за најдобар одбранбен играч на Евролигата за сезоната 2022/2023. Таварес имаше просек од 10,9 поени, 6,6 скока, 0,9 украдени топки и 2,2 блокади на 38 меча во Евролигата. Таварес, кој доаѓа од Зелено’ртските Острови, е еден од најзаслужните за пласманот на Реал Мадрид на фајналфорот во Евролигата, објави веб-страницата на Евролига.
Центарот на Реал во изборот на тренери на сите екипи од Евролигата, зад себе ги остави Томас Вокап од Олимпијакос и играчот на Монако Џон Браун. Четврти во изборот е Матиас Лесор од Партизан, додека Алфа Диало од Монако заврши петти.
Една од главните причини што го издвои Таварес од другите е тоа што противниците на Реал во просек упатувале 49,7 отсто од ударите за два поена и што ни една друга екипа не ги држела своите ривали под 50 отсто. Тој оствари рекордни шест блокади во 13-то коло против минхенски Баерн, а на уште пет меча забележа по четири блокади (Панатинаикос, Ефес, Жалгирис, Алба и Црвена звезда). Со негова помош, Реал Мадрид е лидер во дефанзивните скокови со 26,5 скока по меч.
Таварес е третиот играч што трипати е избран за најдобар дефанзивец во Евролигата. Прв беше Димитрис Дијамантидис од Панатинаикос, кој оваа награда ја освои рекордни шест пати, додека Кајл Хајнс трипати, двапати со ЦСКА Москва и лани со Милано.
Ова е трета награда што ја доделува Евролигата сезонава. Претходно, наградата „Алфонсо Форд“ за најдобар стрелец ја доби Саша Везенков од Олимпијакос, додека наградата „Ѕвезда во подем“ ја доби играчот на Партизан Џам Мадар. Се очекува наскоро да бидат прогласени и најдобрите клубови за оваа сезона, најкорисниот играч (МВП) и тренер на годината. Г.И.