КОШАРКА – НБА

НБА-лигата не планира да воведе пауза поради зголемениот број позитивни на коронавирусот, изјави комесарот на лигата Адам Силвер за ЕСПН, околу продолжението на сезоната во најсилната кошаркарска лига во светот. Седум натпревари беа одложени минатата недела поради ковид-19, а во здравствениот протокол се впишани 84 играчи од 20 екипи.
– Ги разгледуваме сите опции, но не ми е јасно каква би била логиката ако сега воведеме пауза. Се наоѓаме во ситуација за која знаевме дека ќе биде ваква пред неколку месеци. Знаевме дека нема да го искорениме вирусот и дека треба да научиме да живееме со него. Ги разгледавме сите можни опции и сценарија, вклучувајќи и пауза во лигата, но во моментов нема такви планови. Едноставно, не гледам дека такво нешто е логично во овој момент – вели Силвер за ЕСПН.