КОШАРКА
Шпанија по 24 години се врати на врвот со освоената светска титула за кошаркари до 19 години, откако во финалето на Светското првенство (СП) што се играше во Унгарија ја победи Франција со 73-69, по продолженијата. Во натпреварот за третото место на младинското СП 2023, репрезентацијата на Турција ја победи селекцијата на САД со 84-70. Шпанија ја освои својата втора светска круна во оваа возрасна категорија, откако славеше и во 1999 година, кога настапуваа играчи како Пау Гасол, Хуан Карлос Наваро, Раул Лопез, Фелипе Рејес и Карлос Кабезас, пишува Светската кошаркарска федерација (ФИБА). САД имаат најмногу титули на младинско СП, осум. Шпанија е и актуелен сениорски светски првак, во пресрет на планетарниот шампионат во септември годинава во Филипини, Јапонија и во Индонезија, откако победи на СП 2019 во Кина, а лани играше и во финалето на СП за кошаркари до 17 години.