Фото: Фејсбук/Официјална страница на ЕП 2022

Репрезентацијата на Шпанија по четврти пат се искачи на европскиот кошаркарски трон (беше првак и во 2009, 2011 и во 2015 година). Избраниците на селекторот Серџо Скариоло вечерва ја совладаа Франција со 88-76 во финалето на Евробаскет. „Црвената фурија“ на тој начин ги обедини светската и европската круна, откако претходно го освои Мундијалот во 2019 година.

Хуанчо Ернангомез со 27 поени беше најефикасен во победничкиот состав. Неговиот брат Вили Ернангомез пак, беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на турнирот. Забележителна улога кај новиот европски првак, особено во нокаут-фазата, имаше натурализираниот Американец Лоренцо Браун, кој во финалето оствари дабл-дабл учинок со 14 поени и 11 асистенции.

Шпанците клучната разлика ја направија во првото полувреме (+21), Французите се вратија до три негатива, но немаа сили за целосен пресврт. Еван Фурние со 23 поени се истакна во поразениот тим.

Шпанија до трофејот на 41. Европско првенство стигна со само еден пораз, од Белгија во групната фаза.

Во предигра на големото финале, Германија ја победи Полска со 82-69.