Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Кошаркарите на Минесота се пласираа во финалето на плејофот на Западната конференција во НБА-лигата, откако во мајсторката го елиминираа актуелниот шампион Денвер, и тоа пред неговите навивачи со 98-90 или вкупно 4-3 во победи. Поразот е изненадувачки, уште повеќе ако се има предвид дека на почетокот на второто полувреме Денвер имаше предност од дури 20 поени (58-38).
Сепак, Минесота немаше намера да се предаде и со серија од 31-2 направи целосен пресврт во мечот. Во пресрет на последните минути од натпреварот, Минесота поведе за првпат со двоцифрена разлика (92-82), а Денвер немаше сили за резултатско враќање, со што и дефинитивно се збогуваше од титулата.
Најефикасен на дуелот беше Џамал Мареј со 35 коша, додека Србинот Никола Јокиќ уфрли 34 коша, а имаше и 19 скока. Минесота во финалето на Западот ќе игра со Далас. Првиот меч е закажан ноќта меѓу среда и четврток (2.30 ч.), а домаќин е Минесота. Г.И.