Македонија ќе игра во Скопје со Украина на 7 ноември и три дена подоцна со Португалија

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Александар Ашаданов, го објави списокот со кошаркарки за престојните мечеви во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, на 7 ноември со Украина, а три дена подоцна со Португалија, двете во Скопје. Почетокот на подготовките е в понеделник.
На списокот на македонскиот селектор фигурираат 16 кошаркарки, од кои седум се интернационалки, кои настапуваат во пет странски клуба (во Словачка, Италија, Грција, Србија и во Шпанија), а предводени од искусните Анџелика Митрашиновиќ, Нена Трајчевска и Александра Стојановска. Од домашните клубови се повикани девет кошаркарки, кои играат во Баскет Кам 2011, Вардар, Крива Паланка, МЗТ Скопје и во Бадел 1862.
Македонија во овие квалификации е во групата Г и по две кола има два пораза, од Португалија на гости и од Србија на домашен терен, а водат Србија и Португалија со по четири бода. До крајот на овие квалификации Македонија ја очекуваат уште дуелите на гости, со Србија на 6 февруари и со Украина на 9 февруари в година.
На ЕП 2025 ќе се пласираат победниците во групите, како и четирите најдобри второпласирани во осумте групи. Тие ќе им се приклучат на кодомаќините на ова ЕП, Чешка, Германија, Грција и Италија, вкупно на ЕП 2025 ќе настапат 16 репрезентации.
Состав: Анџелика Митрашиновиќ, Илина Селцова, Мерит Хемпе, Тијана Митрева, Матеа Николиќ, Милица Николиќ, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска, Сања Адамовска, Катерина Поп-Димитрова, Ања Начевска, Елена Тасевска, Михаела Алексовска, Мартина Марковска, Мартина Блажевска. Г.И.