Едната измена им дава втора шанса на тренерите да бараат проверка на спорна ситуација, ако нивното прво барање е успешно, а другата измена е за доделување техничка грешка за симулирање

КОШАРКА

Одборот на гувернери на кошаркарската НБА-лига одобри две промени во правилата за претстојната сезона, со едната им се дава втор т.н. челинџ на тренерите доколку нивното прво барање за проверка на спорна ситуација е успешно, а другата измена е за доделување техничка грешка за симулирање, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Промената на правилото за проверка на судиска одлука е нешто што тренерите го посакуваат веќе некое време. Тренерите што бараат челинџ и се успешни ќе добијат шанса за уште една проверка на судиска одлука, со еден услов. Тимовите мора да имаат тајмаут на располагање за да можат да го користат тој нов челинџ.
Играчите што симулираат прекршок или им е досуден „физички чин што разумно се чини дека има цел да ги натера официјалните лица да судат прекршок врз друг играч“, соопшти лигата, ќе добијат неспортска техничка грешка, што нема да се смета како лична грешка или да доведе до исфрлање од игра. Но тоа ќе ѝ даде слободно фрлање на противничката екипа и може да доведе до промена на поседот, во зависност од тоа кога била досудена оваа техничка грешка.
Официјалните лица можат да изберат да ја прекинат играта за да досудат прекршок за симулирање или може да чекаат до следната „неутрална можност“ да го сторат тоа, пишува АП. Тие на кои ќе им биде досудено симулирање ќе бидат казнети со 2.000 долари, а казните постепено ќе се зголемуваат за повторените прекршоци. Правилото една година ќе биде експериментално.
Двете промени на правилата прво добија едногласна препорака од Комитетот за натпреварување на НБА, составен од играчи, претставници од Националната асоцијација на кошаркари, тренери, гувернери, тимски кошаркарски директори и судии. Н.М.