Македонските младинци без пораз го освоија првото место и се пласираа во дивизијата А. Никола Јаничиќ е најкорисен кошаркар на првенството, а тој и Марко Луканоски се во идеалната петорка на шампионатот во Скопје. Македонија, според статистиката на ФИБА, е прва според просекот по натпревар во постигнати поени, скокови, асистенции, украдени топки…
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ ЗА КОШАРКАРИ ДО 18 ГОДИНИ, ДИВИЗИЈА Б
Репрезентацијата на Македонија ја совлада Австрија со 98-88 во финалето на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Скопје, за кошаркари до 18 години и со перфектен резултат од осум победи на исто толку натпревари го освои првото место на шампионатот и се пласира во дивизијата А. Финалето беше натпревар на двете најдобри репрезентации на ова ЕП, кои без пораз се пласираа во мечот за трофејот. Во дивизијата А се пласираа и селекциите на Австрија и на Бугарија. ЕП од дивизијата А се игра в година.
Македонскиот репрезентативец Никола Јаничиќ е најкорисен кошаркар (МВП) на шампионатот во Скопје, одлучија 22-та селектори на собирот на јуниорите од дивизијата Б, пишува Кошаркарската федерација на Македонија (МКФ). Во финалниот натпревар тој реализира 30 поени, од нив 21 во неполни 13 минути од почетокот на натпреварот, а за 30 минути во игра додаде и пет скока, четири асистенции, исто толку освоени и три загубени топки, сето тоа за индекс 31, пишува МКФ. Јаничиќ е и прв стрелец на првенството со просек од 22,6 поени по меч, според статистиката на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), според која Македонија е прва според просекот по натпревар за постигнати поени (89), скокови (48,9), асистенции (21,4), украдени топки (13,9, колку што има и Украина)…
Во изборот на идеалната петорка на првенството во Скопје се и две имиња од шампионската репрезентација на Македонија. Покрај најкорисниот играч на шампионатот, Јаничиќ, во изборот на ФИБА е и Марко Луканоски, а во најдобрите пет на ЕП 2024 во Скопје се и Имран Суљановиќ и Фун Шот од Австрија и Александар Гаваљугов од Бугарија, пишува МКФ. Н.М.