Фото: ЕПА

Џејмс сезонава ќе го оствари својот сон да игра заедно со својот 19-годишен син Брони

КОШАРКА – ВО ПРЕСРЕТ НА СВОЈАТА 22. СЕЗОНА ВО НБА

Леброн Џејмс рече дека нема што да докажува на кошаркарскиот терен, но, сепак, е возбуден поради претстојната НБА-сезона, негова 22. вкупно и прва играјќи покрај својот син тинејџер Брони, пишува агенцијата „Ројтерс“. Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, четирикратен шампион во НБА-лигата и најдобар стрелец на НБА на сите времиња, ја предводеше и репрезентацијата на САД до златниот медал во Париз летово за неговата трета олимписка титула.
– Дали има нешто што треба да постигнам како кошаркар? Не. Сѐ друго е дополнително. Сепак, ќе го земам. Го сакам тоа што го работам. Но имам сѐ – им рече тој на новинарите на првиот ден од тренинг-кампот на ЛА лејкерс, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Џејмс сезонава ќе го оствари својот сон да игра заедно со својот 19-годишен син Брони, кој ЛА лејкерс го избра како 55-ти избор на годинашниот драфт во НБА-лигата. Леброн Џејмс, кој ќе наполни 40 години во декември, рече дека е „неверојатно“ да го дели паркетот со својот син за време на тренинзите.
Леброн Џејмс ќе игра под водство на првиот тренер Џеј Џеј Редик, но рече дека самиот ќе биде „продолжение на стручниот штаб на паркетот“.
– Ќе предводам со пример – изјави Џејмс.
Тој вели дека има многу за Ла лејкерс да се подобри откако претрпе пораз во плејофот во првото коло од Денвер во минатата сезона, издвојувајќи ја потребата да биде подобар во транзитната одбрана.
– Мораме да бараме одговорност меѓусебно, да си помагаме, да бараме повеќе еден од друг – одговори Џејмс на прашањето што би било потребно за ЛА лејкерс да биде меѓу најдобрите пет одбранбени тимови во лигата, пренесе „Ројтерс“. Г.И.


Винс Картер засега е осамен лидер, со 22 сезони во НБА

Само шест кошаркари ја имаа привилегијата да играат во НБА-лигата повеќе од 20 сезони, пишува НБА на својата интернет-страница. Водечки е Винс Картер, со одиграни 22 сезони, а по 21 имаат Леброн Џејмс, Дирк Новицки, Кевин Гарнет, Кевин Вилис и Роберт Периш. Картер одигра вкупно 1.541 натпревар за Торонто, Њу Џерси, Орландо, Феникс, Далас, Мемфис, Сакраменто и за Атланта. Џејмс настапи на 1.492 меча за Кливленд, Мајами и за Лос Анџелес лејкерс. Новицки има 1.522 средби, сите за Далас. Гарнет одигра 1.462 меча во дресовите на Минесота, Бостон и на Њу Џерси. Вилис во НБА-кариерата одигра 1.424 натпревари за Атланта, Мајами, Голден стејт, Хјустон, Денвер, Сан Антонио и за Далас. Во оваа група кошаркари Периш има најмногу мечеви, 1.611, за Голден стејт, Бостон, Шарлот и за Чикаго, пишува НБА.


НАЈМНОГУ СЕЗОНИ ВО НБА

Винс Картер 22
Леброн Џејмс 21
Дирк Новицки 21
Кевин Гарнет 21
Кевин Вилис 21
Роберт Периш 21