Фото: ЕПА

Четврт-финалето на новото кошаркарско натпреварување, кое се игра во текот на сезоната во НБА, е закажано за вторник и за среда, а полуфиналето и финалето ќе се одржат во Лас Вегас, од 8 до 10 декември

КОШАРКА – НБА-КУП

Индијана – Бостон, Сакраменто – Њу Орлеанс, Милвоки – Њујорк и ЛА лејкерс – Феникс се четвртфиналните двојки во НБА-купот, новото кошаркарско натпреварување, кое се игра во текот сезоната и има цел да внесе дополнително возбудување на дуелите во почетокот од сезоната. НБА-купот го сочинуваа 30 екипи, поделени во групи во рамките на конференциите на кои припаѓаат.
Од Источната конференција, во четврт-финалето се пласираа Индијана (четири победи, без пораз) од групата А, Милвоки од групата Б (4-0) и како второпласиран Њујорк (3-1), и од група Ц, Бостон (3-1). Од Западот, пак, меѓу осумте најдобри тимови во НБА-купот се Лос Анџелес лејкерс (4-0) од групата А и второпласираниот Феникс (3-1), од групата Б, Њу Орлеанс (3-1) и од групата Ц, Сакраменто (4-0).
Кош-разликата беше решавачка за пласманот на некои тимови во четврт-финалето, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Во случај на ист број победи во групата, прво што решаваше беше меѓусебниот дуел, а потоа вкупната кош-разлика, која одреди Бостон да се пласира како првопласиран во својата група, а Њујорк и Феникс како најдобри меѓу второпласираните во секоја од двете конференции, пишува АП.
Екипите одиграа по четири натпревари, а победниците од секоја група и двете втори најдобропласирани, се пласираа во четврт-финалето, кое е закажано за вторник и за среда. Полуфиналето и финалето ќе се одржат во Лас Вегас, од 8 до 10 декември. Г.И.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Индијана – Бостон вторник
Сакраменто – Њу Орлеанс вторник
Милвоки – Њујорк среда
ЛА лејкерс – Феникс среда