Фото: „Нова Македонија“

Во јануари имало вкупно 5.863 меѓународни трансфери, биле вложени 2,35 милијарди долари од клубовите во машкиот професионален
фудбал, потоа 5,8 милиони долари за трансфер-такси и 455 меѓународни трансфери во женскиот професионален фудбал, и сите тие бројки се рекордни. Англиските клубови вложија најмногу и во двете конкуренции

ФУДБАЛ – ФИФА

Најновиот зимски преоден рок повторно постави нови рекорди на сите времиња и во машкиот и во женскиот професионален фудбал, како што е потврдено од Меѓународниот извештај за трансфери, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Според извештајот, составен од Одделението за право и усогласеност на ФИФА со седиште во Мајами, во јануари во машкиот професионален фудбал се забележани вкупно 5.863 меѓународни трансфери. Тоа е највисоката бројка досега за кој било јануарски преоден рок и за речиси 20 проценти повисока од претходниот рекорд, во јануари 2024 година.
Вкупно 2,35 милијарди долари беа вложени од клубовите за меѓународни трансфери, што е исто така нов рекорд на сите времиња за секој јануарски преоден рок, пишува ФИФА. Износот е за 57,9 отсто поголем во споредба со јануари 2024 година и 47,1 проценти поголем од претходниот рекорд, поставен во јануари 2023 година.
Нови рекорди беа поставени и во двете категории во женскиот професионален фудбал. Клубовите за меѓународни трансфери потрошија 5,8 милиони долари, што е највисока сума досега во кој било јануарски преоден рок и повеќе од двојно од претходниот рекорд (повеќе за 180,6 отсто) од јануари 2024 година. Околу 455 меѓународни трансфери беа забележани во женскиот професионален фудбал, што е за 22,6 проценти повеќе во споредба со претходниот рекорд, од јануари 2024 година.
Во фудбалот за мажи, клубовите во Англија ја предводеа листата со 621,6 милион долари вложени во трансфери, пред Германија (295,7 милиони), Италија (223,8)…, а клубовите во Франција добија највисока сума за трансфер-такси, 371 милион, по што следуваат клубовите во Германија со 226,2, Англија со 185,2 милиони…, пишува ФИФА.
Бразил се најде на врвот за најмногу дојдовни трансфери (471), потоа следуваат Аргентина (265), Португалија (207), Шпанија (200) и Англија (190), а земја со најголем број појдовни трансфери беше Аргентина (255), пред Бразил (212), Англија (211), САД (188) и Португалија (170), пишува Светската фудбалска федерација.
Клубовите во Англија најмногу вложија и во женскиот фудбал (2,3 милиони долари) и направија најмногу дојдовни трансфери (39). Во меѓувреме, јануари 2025 година беше првиот преоден рок во историјата во кој имаше надоместок од повеќе од еден милион американски долари во женскиот професионален фудбал, пишува ФИФА. Н.М.