За менталното здравје и психологијата сега се зборува многу повеќе во општеството, така што младите фудбалери подобро го разбираат тоа. Мислам дека не треба да имате еден психолог за целиот тим, вели Давиде Анчелоти, син на прославениот италијански фудбалер и тренер Карло Анчелоти, од лани негов помошник во Реал Мадрид

ФУДБАЛ

Психологијата сѐ повеќе навлегува во фудбалот и покрај неговата конзервативна култура, вели Давиде Анчелоти (33), син на прославениот италијански фудбалер и тренер Карло Анчелоти, од лани негов помошник во Реал Мадрид. Анчелоти Помладиот, кој исто така има тренерски амбиции, и припаѓа на новата генерација, која, пак, ѝ се враќа на психологијата како дел од науката за подобрување на перформансите на своите тимови, пишува „Би-би-си“.
Откако ја прекинал играчката кариера, Анчелоти студирал спортска наука за да се фокусира на тренерската работа, со универзитетска теза за моторичките вештини на играчите. Пред ангажманот во Реал, тој соработувал со својот татко во Баерн Минхен, Наполи и во Евертон. Двајцата имплементирале психологија за благосостојба на играчите во текот на минатата деценија.
– Порано се обидувавме да најдеме некого за кој играчите не знаеја дека е психолог. Тој требаше да гледа и да прави извештаи за нас. Но сега во Мадрид имаме играчи со свои психолози. За менталното здравје и психологијата сега се зборува многу повеќе во општеството, така што младите фудбалери подобро го разбираат тоа. Мислам дека не треба да имате еден психолог за целиот тим. Во иднина секој играч ќе има свој психолог – вели Давиде Анчелоти.
Премиерлигашите сѐ повеќе корист специјалисти за подобрување на самодовербата на играчите, како и на идентификување на проблемите со менталното здравје, како што се анксиозноста и депресијата.
Геир Јорде, норвешкиот професор по психологија, кој повеќе од 15 години ги советува водечките европски клубови, верува дека работите се менуваат. По анализата на повеќе од 250 врвни играчи, студиите на тимот на Јорде покажале дека скенирањето има мал, но позитивен ефект врз перформансите.
Малколм Харкнес, кој околу четири години работел со неговиот татко Тим, актуелниот шеф на спортско-медицинскиот оддел на Челси, беше вклучен во „психолошко кодирање“ на натпреварите помеѓу 2018 и 2020 година.

– Во клуб од највисоко ниво како што е Челси, некогаш е тешко да се каже своето мислење. Како и за ЏПС-податоците, мислам дека во иднина за играчите ќе биде битно да ги погледнат и податоците (за психолошкото кодирање) и да видат каде не се активни како некои други играчи на истата позиција – вели Харкнес
Јорде, кој е коосновач на платформата за обука за виртуелна реалност „Биди најдобар“ што ја користат Хофенхајм и Германската фудбалска федерација, вели дека постои скептицизам во врска со психолошките тренинзи.

– Во мојата кариера во фудбалот, никогаш не сум сретнал тренери со искуство во истражување и методологија на тренинзи за виртуелна реалност. Тие никогаш не поставуваат прашања во однос на вежбите што ги прават секој ден на тренинзите. Но ако дојдете со нова технологија, одеднаш тренерите од старата школа стануваат академици. Фудбалот за мене има традиционална конзервативна култура, скептичен став кон новите работи, новите методи и новите иновации – вели Јорде.
За Анчелоти тоа е случај на еволуција со сила.

– Кога играв, честопати перцепцијата за терапевтот не беше како на некој што може да ви помогне. Дури и денес, некои делови од фудбалскиот свет не се толку отворени за овој аспект. Мислам дека станува збор за културата што постои во овој спорт. Во Англија се поотворени за разговор со терапевти. Во Евертон имавме играчи што страдаа од вознемиреност и се грижеа за менталното здравје. Во другите земји како Шпанија или Италија, тоа е поинаку, има повеќе табуа – истакнува Анчелоти. Л.Д.