На неколку меча имаше контроверзни одлуки на видеоасистент-судиите (ВАР) што влијаеја на резултатите

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Во Премиер-лигата во саботата се одиграа осум натпревари од шестото коло, во кое во фокусот на вниманието беа неколкуте контроверзни одлуки на видеоасистент-судиите (ВАР), пишува „Би-би-си“.
– Тоа не е ВАР, дозволете ми да го кажам тоа. ВАР само ги регистрира ТВ-снимките, а луѓето се тие што го водат ВАР. Тие се човечки суштества, затворени се во некои простории и оттаму ги донесуваат одлуките – вели поранешниот менаџер на повеќе клубови Тони Пјулис.
На мечот Челси – Вест хем (2-1), на гостите не им беше признаен израмнувачкиот гол во 90-та минута, кога ВАР пресуди дека Џерод Бовен го фаулирал голманот Едуар Менди, одлука што менаџерот на „чеканите“, Дејвид Мојс, ја нарече скандалозна.
– Голманот не успеа да ја фати топката, а потоа се преправаше како да има повреда на рамото. Тоа беше смешно лоша одлука. Тажно е нивото на слабото судење во моментов – рече Мојс.
Томас Тухел, менаџерот на „сините“, со „други очи“ ја виде спорната ситуација.
– Имавме среќа одлуката за ВАР да биде во наша корист, тоа за мене беше правилна одлука – изјави Тухел.

На мечот Њукасл – Кристал палас (0-0), менаџерот на домашниот тим, Еди Хау, поништениот гол го нарече „совршено добар“, а неговиот колега Патрик Виеира мислеше сосема поинаку.
– Беше чист фаул, ако не беше, голманот ќе ја имаше топката во рацете. Исправна одлука на судијата – рече Виеира.
Шефот на Лидс, Џеси Марш, беше исклучен поради реакцијата на две одлуки за пенали против неговата екипа во поразот од Брентфорд (2-5).
– Мораме да продискутираме со лигата или со судиите за да ни помогнат да разбереме како се донесуваат некои одлуки – рече Марш.
Многу забелешки на одлуките на судиите имаа и поранешни истакнати фудбалери, сега стручни коментатори, како Крис Сатон, поранешен напаѓач на Челси, потоа Алан Ширер, најефикасен во Премиер-лигата на сите времиња, и Дени Марфи, поранешен играч на Ливерпул и на Фулам.
– Лоши, ужасни, срамни одлуки. Се прашувам зошто е имплементиран ВАР. „Минимално мешање, максимална корист“, беше она што ни беше кажано кога беше воведен, но ништо од тоа – истакна Ширер.

Л.Д.