Ова е шесто целосно англиско финале во кое било големо европско натпреварување, при што во половина од нив настапил токму Тотенхем. Тоа исто така значи дека ќе има шест англиски тима во Лигата на шампионите следната сезона
ФУДБАЛ – ТОТЕНХЕМ И МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ЌЕ ИГРААТ ВО ФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА ЕВРОПА
Манчестер jунајтед и Тотенхем ќе се сретнат во финалето на Лигата на Европа (ЛЕ) на 21 мај на стадионот „Сан Мамес“ во Билбао, Шпанија. Манчестер јунајтед предводен од тренерот Рубен Аморим, го победи во полуфиналето шпанскиот тим Атлетик Билбао со вкупен резултат 7-1 за да продолжи понатаму, додека лондонски Тотенхем славеше над норвешки Бодо/Глимт со вкупни 5-1. Манчестер јунајтед го доби првиот меч со 3-0 на гости, а во реваншот славеа со убедливи 4-1. Микел Хаурегизар во 31-та минута постигна гол за гостите, а Мејсон Маунт го зачна пресвртот со головите во 72-та и 90+2 минута, додека Касемиро во 80-та и Расмус Хојлунд во 85-та минута постигнаа уште по еден гол.
Тотенхем оствари двојна победа против Бодо/Глимт. На првиот натпревар на гости со 3-1, а славеше и во реваншот на свој терен со 2-0 против норвешки Бодо/Глимт. Головите ги постигнаа Доминик Соланке во 63-та и Педро Поро во 69-та минута.
Манчестер јунајтед се стреми да ја освои ЛЕ по вторпат за осум години, додека Тотенхем се обидува да го заврши 41-годишното чекање на европски успех. Ова е шесто целосно англиско финале во кое било големо европско натпреварување, при што во половина од нив настапил токму Тотенхем. Тоа исто така значи дека ќе има шест англиски тима во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона, оти на победниот во ЛЕ му е обезбедено место во ЛШ. Тотенхем се стреми да го освои првиот трофеј од каков било вид за 17 години и се смета за фаворит за дуелот во Билбао, откако го победи Манчестер јунајтед трипати сезонава. Тоа го стори со 3-0 на „Олд Трафорд“ и 1-0 дома во Премиер-лигата, а исто така триумфира со 4-3 во Лига-купот.
– Ако размислувате според коефициентите, тешко е за клуб да изгуби четири пати во низа. Можеме да размислуваме така – рече менаџерот на Јунајтед, Рубен Аморим.
Поранешниот играч од средниот ред на Тотенхем, Глен Ходл, се согласи дека ќе биде тешко за Тотенхем повторно да победи.
– Да се победи тим четири пати, исто така од Премиер-лигата во една сезона, е навистина тешко. Ќе биде тоа титанска битка. Тотенхем во моментов има предност, но Манчестер јунајтед ќе бара одмазда – рече Ходл за „ТНТ спортс“.
Манчестер јунајтед последен пат ја освои ЛЕ во сезоната 2016-2017, кога Жозе Мурињо беше менаџер. Тие го загубија финалето со 10-11 на пенали од шпански Виљареал во 2021 година, кога Давид де Хеа го промаши својот пенал за тимот што го предводеше Оле Гунар Солскјер. И покрај лошата сезона на Манчестер јунајтед на домашен терен, поранешниот играч од средниот ред на „црвените ѓаволи“, Пол Сколс, е уверен дека неговиот поранешен тим ќе се издигне на висина на задачата во големото финале.
– Од некоја причина, историјата на овој клуб понекогаш е речиси како на Реал Мадрид, кога не играат толку добро, сепак можат да продолжат и да освојуваат европски купови. Историјата на Манчестер јунајтед ми кажува дека ќе го освојат купот, тие знаат како да освојуваат трофеи, а Тотенхем не – смета Сколс.
Манчестер јунајтед и Тотенхем се мачат на домашен терен сезонава, оти се наоѓаат на 15-то и 16-то место во Премиер-лигата. Сепак, европскиот трофеј ќе обезбеди кампањата на крајот да се смета за успешна и покрај слабиот пласман во домашното првенство.
– Кого го интересира дали се мачиме во лигата? И ние и Манчестер јунајтед го заслуживме правото да бидеме таму. Се радувам на тоа и треба тоа да биде одличен натпревар – рече менаџерот на Тотенхем, Анге Постекоглу.
Кои се фаворити за победа? Импресивниот рекорд на Тотенхем над Манчестер јунајтед датира подалеку од само оваа сезона. Тие победија на четири од последните шест средби во сите натпреварувања, а Манчестер јунајтед последен пат ги победи со 2-0 во Премиер-лигата во октомври 2022 година. Но аналитичарите на податоци од „Опта“, го направија Манчестер јунајтед мал фаворит за триумф во финалето. Нивниот суперкомпјутер им дава на „црвените ѓаволи“ 50,7 отсто шанси да го подигнат трофејот во ЛЕ, а на Тотенхем 49,3 отсто.
– Мислам дека финалето е подготвено да биде апсолутно брилијантно. Двата тима имаат што да докажат. Едвај чекам да почне тој натпревар – рече поранешниот играч од средниот ред на Манчестер сити, Изи Кристијансен за „ТНТ спортс“.
Финалето меѓу Манчестер јунајтед и Тотенхем би значело „најниско рангиран победник“ во Лигата на Европа. Невообичаено лошите домашни сезони на Манчестер јунајтед и Тотенхем значат дека ако двата тима стигнат до финалето на ЛЕ следната недела и останат на своите тековни позиции во Премиер-лигата, победникот би бил најниско рангираниот домашен тим што го освоил ова натпреварување во последните 15 години.
Податоците на „Опта“ покажуваат дека откако ЛЕ беше ребрендирана во 2009-2010 година, ниту еден тим што завршил под 12-то место во својата домашна лига не се натпреварувал во финалето ниту го освоил. Севилја (12-та) го освои турнирот во 2023 година, додека Фулам (12-ти) го загуби финалето во 2010 година. И ова е исто така првата сезона со нови формати на лигашки фази во Европа, оти претходно тимовите што завршија на трето место во своите групи во ЛШ испаѓаа во ЛЕ. Кога англиски Вест Хем ја освои Конференциската лига во 2023, заврши на 14-то место во Премиер-лигата истата сезона.
Сите англиски финалиња
Првиот Куп на УЕФА во 1971-72 година беше помеѓу Тотенхем и Вулверхемптон во финалето од два натпревара. Тотенхем го доби првиот меч со 2-1 во Молине, со Мартин Чиверс, кој постигна два гола, а ремизира 1-1 на „Вајт Харт Лејн“ две недели подоцна.
Ќе бидат потребни 36 години за следното целосно англиско финале, кое се одржа во ЛШ во сезоната 2007-2008, кога Манчестер јунајтед го победи Челси на пенали во Москва. Кристијано Роналдо и Френк Лампард разменија голови пред изведувањето на пеналите, кое, пак, најдобро се памети по промашувањето на Џон Тери (Челси) по лизгањето на тревата.
Имаше две целосно англиски финалиња во сезоната 2018-2019. Ливерпул го победи Тотенхем со 2-0 во ЛШ во Мадрид, со головите на Мохамед Салах и Дивок Ориги, а Челси го совлада Арсенал со 4-1 во Баку во ЛЕ, при што Еден Азар постигна два гола во својот последен натпревар за клубот.
Две години подоцна, Челси го победи Манчестер сити со 1-0 во ЛШ, што се одигра во Порто, а Каи Хаверц го постигна единствениот гол. Г.И.
Лига Европа, полуфинале
Манчестер Ј. Атлетик Б. 4-1 (3-0)
Бодо/Глимт – Тотенхем 0-2 (1-3)
Финале: Тотенхем – Манчестер ј., 21 мај, Билбао
(во заграда се резултатите од првиот меч)