Тики-така е стил на фудбалска игра што се карактеризира со кратки додавања и движење и одржување на поседот на топката. Стилот е првенствено поврзан со репрезентацијата на Шпанија од почетокот на овој век и клубот Барселона, но корените се многу години претходно. Во овој мини-серијал во претходните продолженија „Нова Македонија“ претстави неколку тактички варијанти во развојот на фудбалот, како катенаџото, тоталниот фудбал, пирамида, ВМ, т.н. „зона миста“…
Тики-така не е само брзо додавање на топката меѓу играчите, туку и замена на позиции и движење што може да создаде простор и позиции за додавање. Тики-така влече корени од едно друго време, во кое таквиот начин на игра се викаше тотален фудбал, а чии најистакнати претставници беа Ајакс и холандската фудбалска репрезентација, односно фудбалерот Јохан Кројф и селекторот Ринус Михелс. Но неколку години пред тоа биле најавени никулците на оваа тактичка игра.
Според некои дефиниции, тики-така е игра во која има кратки додавања, многу движење, игра во која се користат слободниот простор и задржувањето на поседот на топката. Кројф и Михелс создадоа фудбалска игра, исто така, доминантна, во 70-тите години од минатиот век, која ги постави основите за тики-така.
Но пред сите нив бил Романецот Ангело Никулеску (1921-2015), кој, според многу извори, се смета за претходник на тики-така. Тој вовел игра со многу додавања, со која Романија ја победи Англија на стадионот „Вембли“, а потоа се пласира на Светското првенство во 1970 година. Неговиот стил на игра бил наречен „одложување“. Стилот бил роден и од потребата да се заштити сопствениот гол и да му се даде време на тимот да осмисли напаѓачки решенија. Така, избраниците на Никулеску настојувале што подолго да ја имаат топката во свој посед. Токму како тоталниот фудбал и како тики-така – додавање, посед, простор, време.
Со „одложувањето“ речиси во исто време се појави и тоталниот фудбал, кога Михелс од клупата и Кројф на теренот осмислија игра со многу трчање, по целиот терен, со идеја и дека „нападот е најдобра одбрана“, но и со комплетни фудбалери, кои можат, според потребата од ситуацијата на теренот, да играат сѐ. Сето тоа со физички перфектно подготвени играчи.
Подоцна Кројф во шпанската Барселона ги постави основите на тики-така (тогаш уште не со тоа име), која се надгради под палката на Луис ван Гал, Франк Рајкард и Пеп Гвардиола, а во фудбалската репрезентација на Шпанија со успех ја применуваа Висенте дел Боске и Луис Арагонес во освојувањето на европските титули во 2008 и во 2012 година и на светската круна во 2010 година.

(продолжува)