Фото: Игор Бансколиев

На целата сложеност на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, и понатаму клучното трик-прашање е дали навистина Унијата е расположена за проширување или само ги залажува кандидатите (и себеси) глумејќи кооперативност и принципиелност, ставајќи го процесот како заложник на процедурите во кои им е дозволено вето на земјите-членки

Ветото и процедурите на ЕУ неприкосновена брана за егоинтересите на „клубот на привилегираните“

Формалниот статус на Македонија во нејзиниот евроинтегративен процес е земја-кандидат со отворен преговарачки процес по одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, на 19 јули 2022, во Брисел, иако за конкретно започнување на преговорите е потребно државата да направи уставни измени за внесување нови малцинства во преамбулата на конститутивниот акт, што е наведено како услов во преговарачката рамка. Како некаков прелиминарен рок за спроведување на овие уставни измени (за кои постои изразено нерасположение и несогласување во македонската јавност) се споменува периодот до завршувањето на т.н. скрининг-процес на ЕУ за усогласеноста на европското законодавство со македонското, што треба да започне од септември годинава до ноември 2023 година. Во „поздравните“ анализи за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, како една од најголемите придобивки на овој формален статус се наведуваше дека со него се надминати заканите и опструкциите на евроинтегративниот процес со вета од земјите-членки, поради кои земјава 17 години беше пред портите на Унијата, иако одамна ги имаше исполнето критериумите за почеток на преговорите. Некои процени на експертски познавачи на евроинтегративните процедури велат дека почетната позиција на Македонија во скрининг-процесот е таква што вкупната усогласеност на нашето со законодавството на ЕУ, според груба процена, во моментов достигнува околу 45 проценти, што е речиси на нивото на Црна Гора и Србија, кои преговараат веќе една деценија. Но таквите оцени, сепак, не гарантираат брз напредок на Македонија во евроинтеграциите, додека во самата Европска Унија не постои расположение за унапредување во начинот на носењето одлуки за проширување со консензус, кој и за други прашања го проблематизира функционирањето на ЕУ. Особено што Македонија и понатаму има политички (пред)услови за исполнување, како барање на Бугарија, пред да ја започне фазата на исполнување на демократските критериуми сместени во 33 преговарачки поглавја, групирани во шест кластери.
– Сосема е јасно, од заклучоците на Советот (на ЕУ) и од изјавите на политичките челници на ЕУ, дека преговорите нема да можат да продолжат доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик – оценува државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев.

Сѐ додека земјите-членки на Унијата имаат право на вето за прием на нови членки – проширувањето ќе биде блокирано

Впрочем, Македонија ќе треба да ја проба и новата методологија на преговори со принцип на реверзибилност, со која ниту едно поглавје и кластер не се затвораат до крајот на целиот преговарачки процес.
На целата сложеност на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, и понатаму клучното трик-прашање е дали навистина Унијата е расположена за проширување или само ги залажува кандидатите (и себеси) глумејќи кооперативност и принципиелност, ставајќи го процесот како заложник на процедурите во кои им е дозволено вето на земјите-членки.
Михаел Мартенс, еден од најдобрите германски познавачи на Југоисточна Европа, Западен Балкан и проширувањето на ЕУ, смета дека сѐ додека земјите-членки на Унијата имаат право на вето за прием на нови членки – проширувањето ќе биде блокирано.
– Емануел Макрон често го кажуваше тоа, а истото тоа го прави сега и Олаф Шолц – без реформа на принципот на едногласност во ЕУ, нема да може да се приклучат нови членки. Од друга страна, додека лидерите како Јарослав Качињски или Виктор Орбан сакаат да примат (одредени) нови членови, укинувањето на ветото ќе биде тешко. Качињски не сака да се откаже од правото на полското вето заради Украина, ниту Виктор Орбан, кој жестоко сака Србија да стане членка на ЕУ. Да стануваше збор само за овој или оној политичар, работите немаше да бидат толку сериозни, бидејќи ќе дојдат нови лидери. Но… конфликтот за тоа дали принципот на едногласност во ЕУ треба да се реформира (укине) или да се задржи се однесува на основните интереси на Париз, Берлин, Варшава, Будимпешта и другите земји-членки. Не може да се предвиди дека суштинските интереси на земјите-членки на ЕУ за прашањето за едногласно гласање ќе се променат суштински само затоа што на власт ќе дојдат нови политичари. Основната констелација на односите останува иста – анализира Михаел Мартенс.

Дали треба веднаш да се бараат алтернативи?!

Во една од своите анализи, Мартенс го поставува болното прашање, пред сѐ за Македонија и за Албанија. Според него, дилемата е сега дали да се лажеме дека сѐ додека постои правото на вето ќе има проширување, или треба веднаш да се бараат алтернативи.
– Имајќи ги предвид овие околности, дали има смисла да се преправаме дека проширувањето на ЕУ, имено вклучувањето нови полноправни членки со право на вето, е реално? Или можеби е крајно време да се разговара за алтернативи за полноправно членство на Западен Балкан, Молдавија и Украина – прашува Михаел Мартенс.
Она што го прави речиси невозможно отстранувањето на правото на вето на земјите-членки на ЕУ, односно принципот на консензус во одлучувањето, според сегашното устројство на Унијата, е што и за негово укинување е потребен консензус. Се чини дека Македонија, со отворањето на преговорите, само влезе во процес што личи на „игри без граници“, но со многу пречки и провокатори на патот, без гаранции дека ќе дојде до крајот на играта.