ФУДБАЛ

Италијанскиот фудбалски сојуз и Лучијано Спалети постигнаа договор за преземање на селекторската функција, откако минатата недела Роберто Манчини поднесе оставка, пишува италијанскиот весник „Газета дело спорт“.
Според информациите од Италија, Спалети, кој е поранешен тренер на Рома и Интер, треба да потпише тригодишен договор в сабота, а в понеделник да ја одржи првата прес-конференција. Спалети минатата сезона со Наполи го освои италијанското првенство, а набрзо потоа го напушти клубот!
Италија, предводена од претходниот селектор Манчини, ја освои титулата европски првак во 2021 година, но ги пропушти последните две светски првенства. Во продолжение на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија, кои се во тек, Италија треба да ѝ гостува на Македонија (9 септември), а потоа во Милано да ја пречека Украина (12 септември). Италијанците по два одиграни меча во овие квалификациите за ЕП 2024 се на третото место во групата Ц, со три освоени бода. Г.И.