Македонските фудбалски репрезентативци вечерва беа поздравени од бројните навивачи собрани на плоштадот „Македонија“ во Скопје, на приредениот пречек за „црвено-жолтите“ по синоќешната сензационална победа над Италија (1-0) во Палермо, во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар.
Автобусот со македонските фудбалери помина низ Порта Македонија за да стигне пред љубителите на спортот кои со песни и знамиња го славеа триумфот над актуелниот европски првак Италија, додека се слушаа и зурли и тапани.
Присутните го скандираа и името на стрелецот на одлучувачкиот гол против Италија, Александар Трајковски, при неговото појавување заедно со дел од соиграчите, а одекнуваше и „сакаме на светско“ како порака пред решавачкиот дуел од баражот против Португалија на гости, во вторник.
– Сакаме да ви се заблагодариме. Имаме уште еден меч, ви ветувам дека ќе дадеме максимум, исто како што дадовме и вчера. Фала ви уште еднаш – им порача на присутните капитенот Стефан Ристовски.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) претходно соопшти дека на пречекот ќе бидат присутни само неколкумина фудбалери, поради ковид-протоколите од Европската фудбалска унија (УЕФА).
Фото: Маја Јаневска-Илиева