Со третото коло продолжува и трката на тимовите за повисок пласман, а во таа трка ќе бидат важни и головите, вкупно и на гости, победите, вкупно и на гости, успесите на ривалите, картоните…
ФУДБАЛ – ЛШ, НЕДЕЛАВА ТРЕТО КОЛО
Реал Мадрид и Борусија Дортмунд вечерва ќе играат меѓу себе во третото коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) во своевидна реприза на финалето на тоа натпреварување од годинава. Неделава ќе има и неколку меча помеѓу водечки тимови во домашни првенства во Европа, како средбите Пари сен Жермен – ПСВ Ајндховен, Штурм – Спортинг и Барселона – Баерн, а на програмата е и меѓусебна средба на два од седумте тима што по две кола немаат загубен бод во ЛШ, дуелот Брест – Баер.
Со третото коло продолжува и трката на тимовите за повисок пласман, кој е важен за следната фаза, откако првите осум екипи ќе играат во осминафиналето, а тимовите од деветтото до 24-то место прво ќе играат во плејофот за влез меѓу 16-те најдобри сезонава во ЛШ. А во таа трка ќе бидат важни и головите, вкупно и на гости, победите, вкупно и на гости, картоните… Така, ако две или повеќе екипи се изедначени според освоените бодови по завршувањето на натпреварите од лигашката фаза (по осум кола), тогаш, според Правилникот на натпреварувањето за одредување на пласманот, прво се гледа вкупната гол-разлика, а потоа поголемиот број постигнати голови, поголемиот број голови на гости, поголемиот број победи, па победи на гости, поголемиот број бодови освоени вкупно од противниците од лигашката фаза на ЛШ, супериорната вкупна гол-разлика на противниците, поголемиот број голови постигнати вкупно од противниците во лигата, помалку дисциплински бодови врз основа само на добиени жолти и црвени картони и повисокиот клупски коефициент, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Денеска играат Милан – Клуб Бриж, Монако – Црвена звезда (двете од 18.45 часот), Арсенал – Шахтер, Астон вила – Болоња, Џирона – Слован, Јувентус – Штутгарт, Пари сен Жермен – ПСВ Ајндховен, Реал Мадрид – Борусија Дортмунд и Штурм – Спортинг (сите од 21 часот). Двојки за утре: Аталанта – Селтик, Брест – Баер (двете од 18.45 часот), Атлетико Мадрид – Лил, Јанг бојс – Интер, Барселона – Баерн, Салцбург – Динамо Загреб, Манчестер сити – Спарта, Лајпциг – Ливерпул и Бенфика – Феенорд (сите од 21 часот). По две кола, по максимални шест бода освоија Борусија Дортмунд, Брест, Бенфика, Баер, Ливерпул, Астон вила и Јувентус. Н.М.