Борусија Дортмунд заслужи да биде во финалето затоа што имаше одлични перформанси во претходните кола, победувајќи силни тимови, како што се Атлетико Мадрид и ПСЖ. Тие се цврста и компактна екипа со одлични играчи, вели тренерот на Реал Мадрид, Анчелоти. – Знам дека не сме фаворити и ќе биде исклучително тешко, но тоа е само еден натпревар и во него сѐ е можно. Ние веќе го докажавме тоа, смета тренерот на Борусија Дортмунд, Терзиќ, пред денешниот финален дуел во Лондон (21 ч.)
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ – ФИНАЛЕ
Шпанскиот клуб Реал Мадрид и германскиот клуб Борусија Дортмунд, вечерва (21 ч.), на стадионот „Вембли“ во Лондон (капацитет 90.000 гледачи) ќе ги одмерат силите во 69-то финале на најквалитетното фудбалско лигашко натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Лондон по рекорден осми пат, а трет во ерата на ЛШ (по финалињата во 2011 и 2013), ќе биде домаќин на европско финале. За најтрофејниот европски клуб, Реал Мадрид, ова ќе можност да се закити со 15-та рекордна европска круна во своето 18-то финале (Баерн и Милан имаат по 11 н.з.), додека Борусија Дортмунд во своето трето финале, а за втора титула, по онаа во 1997 година, кога во Минхен славеше против Јувентус со 3-1, додека загуби на „Вембли“ во 2013 година од Баерн Минхен (1-2). Во меѓусебните дуели, Реал Мадрид победил шест пати, а загубил трипати, додека пет пати било нерешено. Притоа мадриѓаните дале 24, а примиле 19 гола.
Шпанците, кои лани стигнаа до полуфиналето во ЛШ, годинава беа први во групата Ц. Во осминафиналето славеа против Лајпциг (2-1), во четврт-финалето против Манчестер сити на пенали со 4-3 (4-4), а во полуфиналето против Баерн Минхен (4-3). Годинава триумфираа во Првенството на Шпанија, а стигнаа до осминафиналето во домашниот куп.
– Борусија Дортмунд заслужи да биде во финалето затоа што имаше одлични перформанси во претходните кола, победувајќи силни тимови, како што се Атлетико Мадрид и ПСЖ. Тие се цврста и компактна екипа со одлични играчи – смета Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид.
Германците лани стигнаа до осминафиналето, а сезонава беа први во групата Ф. Во осминафиналето го победија ПСВ (3-1), во четврт-финалето Атлетико Мадрид (5-4), а во полуфиналето ПСЖ (2-0). Во германската Бундеслига завршија на петтото место, а стигнаа до осминафинале во домашниот куп.
– Речиси е надреално. Мислам дека во големата шема на нештата заслуживме да стигнеме до финалето. Знам дека не сме фаворити и ќе биде исклучително тешко, но тоа е само еден натпревар и во него сѐ е можно. Ние веќе го докажавме тоа – вели Един Терзиќ, тренерот на Борусија Дортмунд.
Хари Кејн (Баерн Минхен) и Килијан Мбапе (ПСЖ) се водечки стрелци сезонава во ЛШ со по осум гола. Антоан Гризман (Атлетико Мадрид) и Ерлинг Халанд (Манчестер сити) имаат по шест, а Родриго, Винисиус и Хоселу (сите од Реал Мадрид) по пет. Лани најефикасен беше Ерлинг Халанд (12). Најмногу асистенции, пак, по пет, имаат Марсел Сабицер (Борусија Дортмунд) и Винисиус (Реал Мадрид).
Словенецот Славко Винчиќ ќе ја дели судиската правда. За него ова е второ финале (УЕФА) по она во Лига Европа (ЛЕ) во 2022 година, помеѓу Ајнтрахт Франкфурт и Глазгов ренџерс. Годинашниот европски првак, покрај победничкиот пехар (висок 73,5 см и тежок 7,5 кг), ќе стекне право да игра во Суперкупот на УЕФА, во Варшава (Полска), против победникот во ЛЕ за 2024 година, италијанската екипа Аталанта. Г.И.
Можни состави
БОРУСИЈА ДОРТМУНД: Кобел, Рајерсон, Хумелс, Шлотербек, Матсен, Кан, Сабицер, Адејеми, Брант, Санчо, Фулкриг. Тренер: Карло Анчелоти.
РЕАЛ МАДРИД: Куртоа, Карвахал, Начо, Рудигер, Менди, Валверде, Крос, Камавинга, Белингем, Родриго, Винисиус. Тренер: Един Терзиќ.
СИТЕ ФИНАЛИЊА НА РЕАЛ М.
1956: Реал М. – Ремс 4-3
1957: Реал М. – Фиорентина 2-0
1958: Реал М. – Милан 3-2 (продолж.)
1959: Реал М. – Ремс 2-0
1960: Реал М. – Ајнтрахт Ф. 7-3
1962: Бенфика – Реал М. 5-3
1964: Интер – Реал М. 3-1
1966: Реал М. – Партизан 2-1
1981: Ливерпул – Реал М. 1-0
1998: Реал М. – Јувентус 1-0
2000: Реал М. – Валенсија 3-0
2002: Реал М. – Леверкузен 2-1
2014: Реал М. – Атлетико 4-1 (продолж.)
2016: Реал М. – Атлетико 1-1 (5–3 пенали)
2017: Реал М. – Јувентус 4-1
2018: Реал М. – Ливерпул 3-1
2022: Ливерпул – Реал М. 0-1
СИТЕ ФИНАЛИЊА НА БОРУСИЈА Д.
1997: Борусија – Јувентус 3-1
2013: Борусија – Баерн М. 1-2