На мечот на Европското првенство (ЕП) во Германија, во вторникот, австриската репрезентација имаше изведба и резултат на дуелот со Холандија што не само што покажа зошто селекторот Ралф Рангник го доби прекарот „кум на стилот на игра гегенпресинг“ туку и докажа дека неговата сегашна група фудбалери е веднаш зад него, пишува „Би-би-си“. Гегенпресинг (контрапресинг) е стил на игра со силно притискање кон противниците во близина на топката со неколку играчи за да се врати поседот што е можно побрзо.
– Кога ја имаме топката, имаме некој на клупата што има многу добар придонес. Чувството е многу убаво да се игра во овој тим и навистина уживам секој ден со овој тим и со персоналот. Би сакал да останам овде уште малку – рече капитенот Марсел Сабицер, кој го постигна голот за победа со 3-2 на мечот со Холанѓаните, со што Австрија го освои првото место во групата во која играше и Франција.
Резултатот против Холанѓаните беше веројатно наградата за тоа што на Рангник му беше дадено време да ја обликува оваа австриска репрезентација во својата визија, пишува „Би-би-си“. Резултатите беа измешани откако тој беше назначен за селектор во април 2022 година, но со текот на времето имаа импресивни мечеви, особено победувајќи ја Италија и ремизирајќи со Белгија и со Франција пред ЕП 2024, пишува „Би-би-си“. Австрија победи на три од четирите натпревари пред да замине за Германија и, откако со автогол загуби од Франција, одговори со победи на дуелите со Полска и со Холандија. Во вторникот, тимот на Рангник играше со голема енергија и глад брзо да ја врати топката откако ќе ја загубеше.
– Можете да видите јасен развој откако му се приклучи на тимот. Сега сме многу силни кога треба да ја освоиме топката, па сите знаат дека кога ќе ја изгубиме треба да ја ловиме топката. Тоа е најголемата разлика – вели Сабицер.
И статистиката покажува дека Австрија е една од најефективните селекции при пресинг на ЕП 2024. Податоците на „Опта“ за „дозволени додавања на противникот по одбранбена акција“ покажуваат дека само Германија им дозволува на своите противници помалку додавања пред да ја освои топката.
– Играчите секако дека го почитуваат Рангник и се чини дека се многу задоволни со него на чело, бидејќи неговиот фудбал е многу поблиску до она што повеќето играчи го знаат од нивните клубови – вели Том Мидлер, водител на австриски фудбалски поткаст „Другата Бундеслига“, пренесе „Би-би-си“. Н.М.