Европската клупска асоцијација и УЕФА очекуваат во следниот циклус, од 2024 до 2027 година, приходите од ТВ-правата и од спонзорствата во клупските натпреварувања да достигнат до пет милијарди

ФУДБАЛ – УЕФА

Европските клубови во иднина ќе можат да очекуваат многу повеќе пари од континенталните клупски натпреварувања од продажбата на ТВ-правата и од спонзорствата, пишува весникот „Индепендент“. Насер Ал-Келаифи, претседателот на Пари сен Жермен (ПСЖ) и претседател на Европската клупска асоцијација (ЕКА), им пиша на клубовите членки и ја поздрави „тектонската промена“ во способноста на клубовите да помогнат во обликувањето на европскиот фудбал во иднина.
ЕКА работеше заеднички со Европската фудбалска унија (УЕФА) околу тендерскиот процес за назначување агенции за продажба на комерцијални права за Лигата на шампионите (ЛШ) и за другите клупски натпреварувања, во циклусот 2024-2027 година. Приходите се проектирани да достигнат до пет милијарди долари по сезона, што е драстично зголемување од сегашните 3,6 милијарди долари.
Ал-Келаифи, првиот човек на ПСЖ, клубот што ја одби понудата да ѝ се приклучи на суперлигата лани, во писмото, меѓу другото, наведува: „Назначувањето на маркетинг-агенциите претставува тектонска промена во улогата на клубовите. Преку комерцијализацијата на натпреварувањата ќе се подобри финансиската стабилност на клубовите. Понатаму, има и други дополнителни неискористени извори на приходи, кои активно ги истражуваме“.

Иницијаторите за создавање на суперлигата, која пропадна минатиот април, само неколку дена по основањето, контролата на УЕФА врз комерцијалните прашања ја посочија како главна причина зошто клубовите сакаа да ја преземат одговорноста за својата судбина.
Форматот на клупските натпреварувања од сезоната 2024/2025 година, вклучувајќи ја и ЛШ, сѐ уште не е целосно финализиран. На 19 април минатата година, само по неколку часа откако 12-те клуба го објавија формирањето на суперлигата, Извршниот комитет (ИК) на УЕФА гласаше за промени во групната фаза, во која 32 екипи ќе бидат во една лига и ќе одиграат по 10 натпревари според т.н. швајцарски систем. Дискусиите за новиот формат сѐ уште се во тек, но се очекува наскоро за завршат, односно пред агенциите да излезат на пазарот кон крајот на годинава.