Речиси во секој од четвртфиналистите сезонава има фудбалери или тренери што претходно го освоиле пехарот во Лигата на шампионите со друг клуб, а со триумф би се запишале на листа со триесетина фудбалери со таков успех. На листата достижни европски рекорди, пак, се тие на Седорф, Генто и на шест трофејни тренери
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Вкупно дваесетина фудбалери и тренери, членови на речиси сите четврфиналисти во Лигата на шампионите, неделава играат за пласман во полуфиналето, но и за шанса за остварување редок успех, да освојат европска титула со два клуба, откако претходно победија во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување со некој од своите претходни клубови, а еден фудбалер игра за трофеј со трет клуб, со што би го израмнил рекордот поставен од Холанѓанецот Кларенс Седорф, во сезоната 2002/2003. Згора, неколку фудбалери можат да израмнат еден друг рекорд, за вкупно најмногу европски титули, во сопственост на Шпанецот Франциско Генто, а поставен во првите сезони на ова натпреварување.
Хрватскиот репрезентативец Матео Ковачиќ претходно освои три титули со шпански Реал Мадрид (во 2016, 2017 и 2018 година) и една со англиски Челси (во 2021-та), а сега е член на актуелниот европски првак, Манчестер сити од Англија. И Седорф има четири европски клупски титули, но со три клуба, откако тоа прво го оствари со холандски Ајакс во 1995 година, потоа со Реал Мадрид во 1998-та и освои два трофеја со Милан од Италија, во 2003 и во 2007 година.
Според информациите, триесетина фудбалери ја освоиле европската фудбалска клупска круна со повеќе од еден клуб, а последен на таа листа се запиша голманот Скот Карсон, кој лани славеше со Манчестер сити, а во 2005 година и со Ливерпул.
Годинава, пак, тоа може да го направат неколку фудбалери, на пример, од Пари сен Жермен и од Барселона, како Кеилор Навас (има три титули со Реал Мадрид), Ашраф Хакими (еден трофеј со Реал Мадрид), Марко Асенсио (три титули со Реал Мадрид), Лукас Хернандез (победа со Баерн), тренерот Луис Енрике (беше првак со Барселона)…, односно Роберт Левандовски (триумфира со Баерн), Андреас Кристенсен, Маркос Алонсо, Ориол Ромеу (сите победуваа во Лигата на шампионите со Челси), Илкај Гундоган (лани победи со Манчестер сити)…
Трофеј со втор клуб може да освојат и, на пример, Никлас Шуле од Борусија Дортмунд (има титула со Баерн), потоа од Атлетико Мадрид тоа се Цезар Аспиликуета (Челси), Маркос Лоренте и Алваро Мората (првиот има една, а вториот освои две титули со Реал Мадрид), потоа тренерот на Баерн, Томас Тухел (трофејот го освои со Челси), од Арсенал тоа се Каи Хаверц и Жоргињо (титули со Челси), од Реал Мадрид, пак, Антонио Ридигер и Кепа Аризабалага (трофеи со Челси)…
Шпанецот Генто од Реал Мадрид е фудбалерот со најмногу европски клупски трофеи, откако освои шест континентални титули, и тоа во 1956, 1957, 1958, 1959, 1960 и 1966 година. Годинава неговиот рекорд може да го стигнат уште неколку фудбалери на Реал Мадрид, на пример Дани Карвахал, Тони Крос, Начо и Лука Модриќ, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Од тренерите, пак, Карло Анчелоти од Реал Мадрид е рекордер со четири континентални титули (по две освои со Милан и со Реал Мадрид), а од другите тренери на клубовите четвртфиналисти сезонава, Пеп Гвардиола од Манчестер сити има три (две освои со Барселона, а една со Манчестер сити). По три трофеи како тренери освоија и Боб Пејсли (сите со Ливерпул) и Зинедин Зидан (сите со Реал Мадрид). Тренери што славеле со два клуба, покрај Анчелоти и Гвардиола, се и Жозе Мурињо (со Порто и со Интер), Ернст Хапел (со Феенорд и со Хамбургер), Јуп Хенјкес (со Реал Мадрид и со Баерн) и Отмар Хицфилд (со Борусија Дортмунд и со Баерн), а на оваа листа сезонава може да се приклучи Тухел итн. Н.М.
ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
1. Борусија Д. – Атлетико М. утре (2-1)
2. Барселона – ПСЖ утре (3-2)
3. Баерн – Арсенал среда (2-2)
4. Манчестер С. – Реал М. среда (3-3)
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2
Победник 3 – Победник 4
ЛИГА ЕВРОПА
1. Рома – Милан четврток (1-0)
2. Аталанта – Ливерпул четврток (3-0)
3. Вест хем – Баер четврток (0-2)
4. Марсеј – Бенфика четврток (1-2)
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 4 – Победник 2
Победник 1 – Победник 3
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
1. ПАОК – Клуб Бриж четврток (0-1)
2. Фенербахче – Олимпијакос четврток (2-3)
3. Лил – Астон вила четврток (1-2)
4. Фиорентина – Плзен четврток (0-0)
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 3 – Победник 2
Победник 4 – Победник 1
во заградите се резултатите од првите мечеви