Едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал, Кирил Дојчиновски, почина на 78-годишна возраст.
Дојчиновски кој е роден на 17 октомври 1943 година во Скопје, ги бележи фудбалските почетоци во Вардар, каде што одигра вкупно 218 натпревари во периодот од 1962 до 1967 година. Потоа се сели во белградска Црвена Звезда чиј дрес го носеше до 1967 до 1974 година, за кариерата да ја продолжи во француските Троа и Париз.
Од 1970 до 1974 година Дојчиновски беше стандарден член на репрезентацијата на СФР Југославија, а ќе остане запаметен и како првиот Македонец што настапил на едно светско фудбалско првенство, на Мундијалот во Западна Германија во 1974 година.
Во тренерската кариера со успех работеше во Ел Салвадор, каде што беше двократен првак со Фирпо и селектор на тамошната репрезентација. А ги предводеше и Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип, како и грчки Ираклис.
Дојчиновски е носител и на бројни индивидуални признанија меѓу кои е и наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет (МОК).