Македонската репрезентација нема пораз во претходните три натпревари со селекцијата на Италија, откако забележа една победа на гости и две ремија, по едно на гости и дома
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Македонската фудбалска репрезентација вечерва, во Рим (од 20.45 часот), се среќава со актуелниот европски првак Италија, во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија. Тоа е петти меѓусебен дуел на двете репрезентации, третпат во Италија, каде што досега Македонија по еднаш победи и ремизира.
Македонија во претходните три натпревари со Италија нема пораз, откако забележа една победа на гости (со 1-0 во март 2022 година, во Палермо, во полуфиналето на плејофот за пласман на Светското првенство лани) и две ремија, на гости и дома (двапати 1-1, прво во октомври 2017 година во Торино, во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2018 година, а потоа и минатиот месец во Скопје, во овој квалификациски циклус, за пласман на ЕП 2024).
На Европското првенство в година ќе играат по две најдобри селекции од секоја од десетте групи, а уште три места ќе се пополнат од плејофот на лигите А, Б и Ц во Лигата на нациите. Во случај две репрезентации да бидат израмнети со бодовите, прво што решава која селекција ќе има подобар пласман е меѓусебниот резултат во овој квалификациски циклус.
По мечевите одиграни во октомври, пласман на континенталното првенство обезбедија девет репрезентации, и тоа Германија (како домаќин), Австрија, Белгија, Англија, Франција, Португалија, Шкотска, Шпанија и Турција. Во деветтото коло, на програмата од вчера до утре, пласман на ЕП 2024 може да обезбедат десетина репрезентации, но само во групата Ц сигурно сѐ ќе се решава во 10-то коло, а во трка за второто место се Украина и Италија. Обезбеден настап во плејофот засега имаат БиХ, Финска и Грузија.
Квалификациите за ЕП 2024, Македонија ги заокружува в понеделник, со дуелот во Скопје, со Англија. Н.М.
ДОСЕГАШНИ МЕЃУСЕБНИ СРЕДБИ
ДУЕЛ РЕЗ. ЦИКЛУС
Македонија – Италија 2-3 квалификации за СП 2018
Италија – Македонија 1-1 квалификации за СП 2018
Италија – Македонија 0-1 плејоф за СП 2022, полуфинале
Македонија – Италија 1-1 квалификации за ЕП 2024
Вкупно 4 1 2 1 5-5
ГРУПА Ц
Италија – Македонија 20.45 ч.
Англија – Малта 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Англија 6 5 1 0 19-3 16
Украина 7 4 1 2 11-8 13
Италија 6 3 1 2 11-7 10
Македонија 6 2 1 3 7-14 7
Малта 7 0 0 7 2-18 0