За еден од најстарите клубови во Англија годините на најголемите успеси дојдоа стотина години по основањето, почнати со ангажманот на менаџерот Клаф и неговиот помошник Тејлор, кои експресно го однесоа Нотингем форест од втората англиска дивизија до најголемите европски височини. Клубот е основач на Премиер-лигата, во која неодамна се врати по 23 години отсуство, а и тоа беше остварено на единствен начин

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Во новата сезона на англиската фудбалска Премиер-лига ќе настапи Нотингем форест, „заспаниот џин“, како што го нарекоа повеќе светски медиуми. Клубот е основан во 1865 година и е еден од најстарите во Англија. Годините на најголеми успеси дојдоа стотина години подоцна, кога беше напишана неверојатна спортска приказна, „напишана“ експресно. Неодамна клубот од Нотингем во најсилната англиска лига се врати по 23 години отсуство, а и тоа беше остварено на единствен начин.
Првиот поголем трофеј, Нотингем форест го освои во 1898 година со триумфот во англискиот ФА-куп, а потоа и во 1959 година. Според податоците на клупската интернет-страница, клубот беше пионер во некои категории. Во 1874 година тие биле првата англиска екипа што носела штитници на потколениците, а во 1878 година на нивниот натпревар со Шефилд Норфолк е првиот во Англија каде што судијата употребил свирче. Во истата деценија тимот излезе со „класичната“ формација, која се состоеше од голман, двајца бека, три центархалфа и пет напаѓачи, тактика што го издржала тестот на времето и била широко користена до 1960-тите.
Несекојдневната приказна од историјата на клубот почна со ангажманот на менаџерот Брајан Клаф и неговиот помошник Питер Тејлор. Двоецот го однесе Нотингем форест до најголемите височини. Сѐ почна со пласманот на клубот во најсилната лига на Англија во сезоната 1976/77, но не како првопласиран во второто по ранг англиско натпреварување, туку од третото место, кое, исто така, носеше промоција во елитата.
Потоа следува метеорскиот успех. Веќе во следната сезона, 1977/78, Нотингем форест станува првак на Англија, како петти клуб шампион што во сезоната претходно играл во понизок ранг. Претходно тоа го направија и Ливерпул, Евертон, Тотенхем и Ипсвич, но Нотингем форест е единствен и денес што во најсилната англиска лига пред освојувањето на титулата не влегол како првак на втората дивизија по ранг. Нотингем форест ја освојува англиската титула пред тогаш доминантниот Ливерпул, кој таа година стана европски првак, вторпат во низа.

Веќе во следната сезона, Нотингем форест остварува нов успех, во дебито во најсилното континентално клупско натпреварување станува европски првак (тогаш само трет што освојува титула без пораз, по Интер и Ајакс), елиминирајќи го во првото коло токму Ливерпул, а во финалето славеше на мечот со шведски Малме (1-0). Во текот на сезоната, Нотингем форест собори и еден англиски рекорд, со првиот трансфер за еден милион фунти во Англија, кога во февруари 1979 година пристигна Тревор Френсис од Бирмингем. Френсис, пак, на дебито во Европа (кога доби право да игра) ја донесе првата европска титула на Нотингем форест со гол во финалето на тогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите). Потоа Нотингем форест победи и во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), со вкупен резултат 2-1 по двата меча со Барселона.
Во следната сезона, иако не стана англиски првак (беше вицешампион зад Ливерпул), клубот ја бранеше европската титула како актуелен шампион на Стариот Континент и направи нов исчекор, со освојување на новата европска круна (победа со 1-0 над германскиот Хамбургер). Со тоа и денес Нотингем форест останува единствен клуб во Европа што има повеќе европски (две) отколку домашни титули (една). Нотингем форест е и последниот англиски клуб што две години во низа бил континентален шампион (претходно само Ливерпул, во 1977 и во 1978 година).

Нотингем форест во периодот потоа стана еден од основачите на Премиер-лигата, во 1992 година, а во понизок ранг се пресели во 1999 година, од кога еден период играше и во третото ниво, Лига 1. Сезоната 2021/2022, Нотингем форест ја почна со еден бод по првите седум кола, што е најслаб почеток на една сезона на клубот во претходните 108 години, но потоа следуваше неверојатен напредок. Беше освоено четвртото место, во плејофот за пласман во Премиер-лигата беа победени Шефилд јунајтед на пенали во полуфиналето и Хадерсфилд во финалето со 1-0, а како најава на квалитетот беа и победите над премиерлигашите Арсенал (1-0) и Лестер (4-1) во ФА-купот, натпреварување во кое сезонава во четврт-финалето загуби од подоцнежниот победник, Ливерпул (0-1).
Следуваат нови предизвици.


Нотингем форест, Вилјареал, Севилја, Парма, Баер…

Англискиот премиерлигаш Нотингем форест е единствен фудбалски клуб во Европа што има повеќе европски (две) отколку домашни титули (една). Има неколку клуба во други земји со слични бројки, но не како тие на Нотингем форест во соодносот на врвните трофеи, домашна и европска титула.
Сметајќи ги најголемите натпреварувања (европски купови на меѓународната сцена, Лига на шампионите, Лига Европа, некогашниот КПК и сегашната конференциска лига, како и суперкупот на УЕФА, а на домашната првенство, куп и суперкуп), на пример, Вилјареал има една победа во Лига Европа (лани) и ниту еден домашен трофеј (првенство, куп или суперкуп на Шпанија). Севилја не била првак на Европа, има седум други европски трофеи, и тоа шест во Лига Европа и еден во Суперкупот на УЕФА, но има, исто така, седум домашни пехари во Шпанија, по една титула и Суперкуп и пет Купа. Парма, пак, има однос на вакви домашни и меѓународни трофеи 4-4, откако во Италија освои три домашни купа и еден суперкуп, а во европски рамки два трофеја во некогашниот Куп на УЕФА (сега Лига Европа) и по еден во Суперкупот на УЕФА и во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК). Баер Леверкузен еднаш го освои Купот на Германија и има еден европски трофеј, во Купот на УЕФА итн.


НЕКОИ ФАКТИ ЗА НОТИНГЕМ ФОРЕСТ

  • l еден од најстарите клубови во Англија
  •  првата англиска екипа што носела штитници на потколениците
  • го одигра првиот меч во Англија на кој судијата употреби свирче
  • единствен клуб во Европа со повеќе европски отколку домашни титули
  • прв англиски клуб со трансфер на фудбалер за еден милион фунти
  • единствен англиски клуб што станал шампион веднаш по влегувањето од понизок ранг, но не како првак