Фото: Твитер/Лига на шампионите

Карим Бензема го одведе Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите со одлучувачкиот гол постигнат во продолженијата против Челси 2-3, во возбудливиот реванш меч од четврт-финалето, одигран вечерва на „Сантјаго Бернабеу“.

Освојувачот на трофејот од минатата сезона беше блиску до понатамошен пласман откако водеше 3-0 во 75-та минута, надоместувајќи го поразот од 1-3 во првиот дуел, но „кралевите“ преку погодокот на резервистот Родриго во 80-та минута, по извонредната асистенција на Лука Модриќ, стигнаа до продолженија, пред Бензема да ја реши пресметката. Стрелци за „сините“ беа Мејсон Маунт во 15-та, Антонио Ридигер во 51-та и Тимо Вернер во 75-та минута.

Бензема го постигна неговиот 12-ти погодок во елитното натпреварување сезонава, со што е поефикасен од Кристијано Роналдо (6 гола) од Манчестер јунајтед и Лионел Меси (5) од Пари Сен Жермен заедно. Одличниот француски напаѓач моментно е втор стрелец во ЛШ зад Роберт Левандовски од Баерн кој има еден погодок повеќе, но тој го заврши учеството во натпреварувањето.

Шпанците имаат два претставника меѓу најдобрите четири екипи првпат по сезоната 2016/17, во која полуфиналисти беа Реал и Атлетико Мадрид, по изненадувањето што го приреди Вилјареал. „Жолтата подморница“ го елиминира фаворизираниот Баерн со ремито 1-1 во Минхен, за вкупни 2-1 во двомечот. Баварците имаа предност од 1-0 со голот на Роберт Левандовски во 52-та минута, но Симон Чуквуезе беше стрелец на решавачкиот погодок во 88-та минута.

Реал Мадрид во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од утрешниот дуел помеѓу Атлетико Мадрид и Манчестер сити (0-1 прв меч), а Вилјареал со победникот од пресметката помеѓу Ливерпул и Бенфика (3-1).