Полуфиналињата со по еден меч дома и на гости и финалето би се замениле со фајналфор-турнир во еден град-домаќин, што би било продолжена т.н. „недела на фудбалот“ и потсетува на завршницата во Лигата на нации, но и на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2020 година, кога, поради пандемијата на ковид-19, се играше во Лисабон според сличен формат (тогаш со осум тима)

Европската фудбалска унија (УЕФА) планира да ги укине традиционалните полуфинални двомечеви во Лигата на шампионите (ЛШ) дома и на гости и да ги замени со фајналфор-турнир во еден град-домаќин, што би било продолжена „недела на фудбалот“ и потсетува на завршницата во Лигата на нации, пишува британскиот весник „Мирор“, повикувајќи се на извори од „Тајмс“. Сегашниот формат, според кој четирите екипи во завршницата играат еден против друг дома и на гости, е во сила од почетокот на натпреварувањето, во 1955 година. Но можни се промени, бидејќи УЕФА наводно планира радикални промени на турнирот од сезоната 2024/2025, кога треба да почне новиот формат во ЛШ, според кој во групната фаза, наместо сегашните шест, ќе има до 10 натпревари, како и дополнителни четири тима (сега играат 32).
„Тајмс“ објави дека иако Европската клупска асоцијација (ЕКА) допрва треба да донесе одлука, има сѐ поголема поддршка за директни нокаут-натпревари во полуфиналната фаза, при што двата натпревара и финалето би се играле во еден град, на т.н. „фестивал на фудбалот“ во една концентрирана област. Со тоа би се елиминирале реванш-натпреварите иако се крајно возбудливи, слично на оној што нѐ очекува в среда на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ помеѓу Реал Мадрид и Манчестер сити (во првиот меч беше 3-4).
– Мислам дека станува збор за промени, пред сѐ од комерцијални, а не од фудбалски причини, но во суштина тоа и не е лоша идеја. Сметам дека никој нема да загуби со промената на сегашниот формат, а за придобивките и за евентуалните штети останува да видиме и да процениме. Не дека сега не гледаме квалитетни и возбудливи полуфиналиња, но сигурно би се избегнале калкулациите, играњето да не се загуби на првиот меч, како што беше случајот со Вилјареал на гости против Ливерпул во средата. Фајланфор во еден град ќе биде уште поинтересно, за сите – вели македонскиот тренер Ѓоре Јовановски.

Се вели дека УЕФА верува дека нокаут-мечевите, каков што беше во 2020 година во Лисабон (од четврт-финалето), поради пандемијата на ковид-19, носат квалитетни мечеви и дополнителна возбуда, пишува „Мирор“.
– Јас сум за останување на овој систем. Сѐ повеќе се губи она вистинското што беше фудбалот. Мислам дека вака е подобро, од аспект што публиката ќе биде побројна, бидејќи, видете, во вторникот и во средата во Манчестер и во Ливерпул, исполнети стадиони до последното место и фантастична публика, а со фајналфор ќе ја лимитираш – вели македонскиот тренер Горазд Михајлов.
Во статијата на „Тајмс“ се наведува дека иако некои во УЕФА не сакаат таква огромна промена, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, е отворен за идејата за „недела на фудбалот“, пишува „Мирор“.
– Ако го погледнете Супербоулот, тоа е одличен настан, тие го прават тоа на одличен начин, имаат концерти, луѓето одат таму и се забавуваат. Дури и ако ги загубите тие два натпревара, можете да заработите повеќе како компензација. Тоа може да биде фантастичен настан за ТВ-компаниите, за спонзорите. Во истата недела може да имаме финале и на женската Лига на шампионите или на младински натпреварувања, навистина би можеле да имаме фантастична фудбалска недела – изјави Чеферин за „Тајмс“ лани. Л.Д.;Г.М.


ЕВОЛУЦИЈА НА ЛШ

ГОД. ИЗМЕНА
1955 нокаут-формат цела сезона, по еден тим од земја
1970 воведено правилото „гол на гости“
1991 групна фаза со осум тима, победниците на групите во финале
1993 воведено полуфинале по групната фаза
1994 групна фаза со 16 тима, воведено четврт-финале
1997 групна фаза со 24 тима, најмногу по два тима од една земја
1999 две групни фази (32 и 16), најмногу по четири тима од една земја
2003 групна фаза со 32 тима, воведено осминафинале
2018 автоматски пласман во ЛШ за победникот на ЛЕ
2021 укинато правилото „гол на гости“
2024 групна фаза со 36 тима