Дванаесет репрезентации ќе се натпреваруваат во плејофот, и тоа победниците во групите од лигите А, Б и Ц од Лигата на нациите. Но ако некоја од нив се пласира на ЕП 2024 преку квалификациите, таа ќе ѝ го отстапи местото на друга селекција, според пласманот во Лигата на нациите. Ако помалку од четири репрезентации од една лига се пласираат во плејофот, првото достапно место му се доделува на најдоброрангираниот победник на групата во лигата Д, Естонија, пишува УЕФА
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Со денешните осум меча почнува разврската во фудбалските квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. Пет селекции веќе до сабота можат да обезбедат место на континенталниот шампионат, а потоа, од недела до вторник, во осмото коло, се отвораат нови можности за обезбедување место на ЕП 2024.
Покрај 20-те места за репрезентациите што ќе ги освојат првите две места во секоја од 10-те квалификациски групи, три селекции ќе настапат на ЕП 2024 преку плејофот во март в година, во кој ќе играат 12 победници на групи лигите А, Б и Ц во Лигата на нациите, сезона 2022/2023. Ако некоја од репрезентациите што имаат обезбедено место во плејофот се пласира на ЕП преку квалификациите таа ќе ѝ го отстапи местото во доигрувањето на друга селекција.
Конечниот список со 12 репрезентации што ќе играат во плејофот ќе се знае во ноември, по последното квалификациско коло за континенталното првенство в година. Доколку помалку од четири репрезентации од една лига се пласираат во плејофот, првото достапно место му се доделува на најдоброрангираниот победник на група во лигата Д, Естонија, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Преостанатите места во доигрувањето потоа се пополнуваат врз основа на вкупното рангирање на репрезентациите во Лигата на нациите, на најдоброрангираните селекции што не се квалификувале, со ограничување дека победниците на групите од лигите А, Б и Ц не можат да играат со репрезентации од повисока лига.
Обезбеден пласман во плејофот имаат Холандија, Хрватска, Шпанија, Италија (од лига А), Израел, БиХ, Србија, Шкотска (лига Б), Грузија, Грција, Турција и Казахстан (лига Ц). Во плејофот, врз основа на пласманот на табелите за европските квалификации по 6. коло играно на 12 септември во плејофот би можеле да играат, од лигата А Полска и Велс, од лигата Б Израел, БиХ, Финска, Украина и Исланд, од лигата Ц Грузија, Грција, Казахстан и Луксембург и од лигата Д Естонија, пишува УЕФА.
Според сегашниот пласман на табелите, по септемвриските мечеви, седум од победниците на групите во Лигата на нациите би се пласирале директно на ЕП 2024 врз основа на пласманот по мечевите на 12 септември и на тој начин нема да треба да играат во плејофот, а тоа во моментов се Холандија, Хрватска, Шпанија, Италија (лига А), Шкотска, Србија (лига Б) и Турција (лига Ц), пишува УЕФА. Така, според актуелните табели, по 6. коло (12 септември) во плејофот од лигата Ц би играле Грузија, Грција, Казахстан и Луксембург, од лигата Б Израел, БиХ и две селекции меѓу Финска, Украина и Исланд, а од лигата А Полска, Велс, Естонија и една репрезентација меѓу Финска, Украина и Исланд, пишува УЕФА. Н.М.