Да се влезе во ЕУ со заветот на народните херои

Денес, за Македонија и Македонците, 11 Октомври се поставува и како празник на совеста! Денес, тој е повик на совеста за сегашните генерации од жртвите и заветот на претходните генерации, пред искушението да се откажеме и да заборавиме на нив, за неизвесни ветувања за уште понеизвесна европска иднина. Да заборавиме на совеста за нив, на загинатите народни херои, за да им се додвориме на соседите, окупатори (кои сега сакаат да се претстават како „администратори“) против кои е дигнато востанието на 11 Октомври? Совеста вели дека Македонија го заслужува местото во ЕУ со заветот на своите народни херои, без да биде уценувана со нивен заборав и погазување на заедничките антифашистички идеали – и европски и македонски!

Осумдесет и две години по почетокот на востанието на македонскиот народ, во време на светската војна против фашизмот, но еднакво и за своја национално-државна еманципација, празнувањето на 11 Октомври, и покрај сите пригодни официјални одбележувања, се чини како во Македонија цинично да се подметнува едно „чувство на вина“ дека тоа е празникот што можеби ја попречува европската иднина на нејзините граѓани (?!). Таквото (не)добронамерно сугерирање на оние што, наводно, „сакаат побрзо да ја видат земјата во ЕУ“, се провлекува како подразбирање од условите наведени во т.н. францускиот предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, форматирана специјално за исполнување на бугарските антиисториски желби и уцени. Во политичкиот амбиент на Македонија веќе е ноторна реалност предизвикот на уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата како делови од народ, само за почеток на преговорите со ЕУ. Како „логично надоврзување“ на тој услов за измени во Уставот е барањето за „спречување на говорот на омраза спрема Бугарите“, под што се мисли на бришење од македонските споменици, обележја и воопшто од меморијата, фашистичко-окупаторското присуство, дејствување и злосторства извршени во Македонија за време на Втората светска војна. А 11 Октомври е денот кога македонскиот народ го започна своето народноослободително востание токму против бугарскиот фашистички окупатор.

Во последниве три-четири години, откако практично започна бугарската кампања во ЕУ против македонското евроинтегрирање, европските политички фактори или се обидуваат да не ја согледаат историско-ревизионистичката намера на Бугарија или настојуваат да ги преведат со „современ европски речник“ анахроните бугарски амбиции спрема Македонија и Македонците, ставајќи ги во рамките на еден асиметричен пакет со извртени тези за „малцински права и говор на омраза“. Па така, покрај 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права за непочитување на правото на здружување на македонското малцинство во Бугарија и официјални документи од бугарската држава испратени до европските институции во Брисел и до земјите-членки, исполнети со еклатантен говор на омраза спрема македонскиот национален идентитет и постоење…, Македонија добива предлог-преговарачка рамка со услов за уставни измени со кои треба вештачки да се инсталира бугарско малцинство, а историската вистина да се санкционира како „говор на омраза“.
Европските претставници, во нивното лобирање (кое не сакаат да се нарекува „притисок“) за уставните измени во Македонија, обично велат дека „никој не го губи својот идентитет на патот кон ЕУ, тоа е искуството на сите земји-членки што се придружија“, но како да ја превидуваат ситуацијата дека до случајот со Македонија, на никоја од сегашните земји-членки во преговарачката рамка не ѝ биле имплементирани непристојни услови спротивни на европските вредности, кои се директно загрозување на националниот идентитет.
Но покрај таквите европски аргументи за Македонија со перспектива само на „розовите искуства“ од патот кон ЕУ, бугарските политичари не се стеснуваат и понатаму дрско да бараат ревизија на македонската (и светската) историја во нивна корист, со дрски барања за укинување на прославата токму на 11 Октомври. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, во една пригода отворено порача дека „денот кога пукнала првата македонска пушка против Бугарите во октомври“ е антиевропски, а Бугарија со барањето за укинување на тој празник, всушност, спречува таа идеологија да влезе во ЕУ. Според бугарскиот европратеник, 11 Октомври е дел од „идеологија директно насочена против друга земја-членка на ЕУ“, т.е. Бугарија, и тие го сметаат тоа како дел од говор на омраза.

Ваквите дрскости на бугарските политичари, во ЕУ се обидуваат да ги релативизираат како „лични ставови“, не сакајќи да прифатат дека таквиот говор е всушност директно деградирање на антифашистичките основи на самата Унија. Борбата против фашизмот, тогашното фашистичко зло кон кое припаѓаше Бугарија, е во срцевината и суштината на идеологијата на Европа. Македонија и прогресивна Европа тогаш беа на иста страна и се бореа против истото тоа зло. Бугарија, пак, беше на спротивната страна како олицетворение на злото. Ако некој од нешто треба да се срами, тоа е Бугарија. Македонија може само да се гордее и со 11 Октомври и со својот придонес во ослободувањето и развојот на Европа.
Од таа Народноослободителна и антифашистичка борба, која во Македонија започна на 11 октомври 1941 година, останат е заветот на 44-те народни херои, загинати во војната токму против бугарскиот фашистички окупатор. Жртвата на тие народни херои и другите илјадници борци од Македонија во таа антифашистичка војна требаше да биде „последниот бој“ за остварување на вековниот сон и борба на македонскиот народ за своја држава и легитимиран национален идентитет меѓу народите во светот. Но денес, за Македонија и Македонците, 11 Октомври се поставува и како празник на совеста! Денес, тој е повикување на совеста за денешните генерации од жртвите и заветот на претходните генерации, пред искушението да се откажеме и да заборавиме на нив, за неизвесни ветувања за уште понеизвесна европска иднина. Да заборавиме на совеста за нив, на загинатите народни херои, за да им се додвориме на соседите, окупатори (кои сега сакаат да се претстават како „администратори“) против кои е дигнато востанието на 11 Октомври? Совеста вели дека Македонија го заслужува местото во ЕУ со заветот на своите народни херои, без да биде уценувана со нивен заборав и погазување на заедничките антифашистички идеали – и европски и македонски!