Во однос на 19-те тима што сезонава од петте најсилни европски првенства играа во групната фаза на ЛШ, според сегашниот пласман на табелите, во новата сезона би имало осум нови екипи, а најголема промена засега има во Англија

ФУДБАЛ – СПОРЕД ПЛАСМАНОТ НА ДЕСЕТИНА КОЛА ПРЕД КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА

Според актуелните табели во петте најсилни домашни фудбалски првенства во Европа, во Лигата на шампионите (ЛШ) во новата сезона е можен поинаков состав од тој сезонава. Во однос на 19-те тима што од тие пет лиги сезонава играа во групната фаза на ЛШ, во моментов има осум нови екипи на местата на табелите што носат пласман во Лигата на шампионите, а засега најголема промена има во Англија.
Во англиската Премиер-лига на места на табелата што носат пласман во групната фаза се други три тима во однос на ланските, и тоа Арсенал, Манчестер јунајтед и Њукасл, на местото на Ливерпул, Челси и на Тотенхем. Само Манчестер сити е сега во позиција за нов настап во ЛШ. До крајот на сезоната има уште осум кола, Тотенхем е петти со три бода помалку од Њукасл и од Манчестер јунајтед на третото и на четвртото место, но одигра и еден меч повеќе од тие два тима, Астон вила има девет помалку, но одигра еден натпревар повеќе…, а од другите два тима што играа во ЛШ сезонава, Ливерпул сега има 13 бода помалку од тимот на четвртото место (има и еден меч помалку, синоќа со Арсенал), Челси 17, но е во четврт-финалето на ЛШ…
Од Германија сезонава во Лигата на шампионите играа пет тима, и тоа Баерн, Баер, Борусија Дортмунд, Лајпциг и Ајнтрахт (како победник на Лига Европа), а сега на првите четири места се Баерн, Борусија Дортмунд и Лајпциг и еден нов тим, Унион Берлин. Треба да се одиграат уште седум кола, Фрајбург има еден бод помалку од четвртопласираниот Лајпциг, Баер, кој ќе настапи во четврт-финалето на Лига Европа (победникот на тоа натпреварување ќе се пласира во ЛШ) и има пет помалку, Ајнтрахт е на минус седум…
Во Шпанија (треба да се играат уште 10 кола), три тима што сезонава настапија во Лигата на шампионите сега се на места што носат пласман во елитното европско клупско натпреварување, и тоа Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид. Засега четврти е Сосиедад, потоа е Вилјареал со четири бода помалку, Бетис со шест бода (и еден меч помалку)… Сезонава од Шпанија во ЛШ играше и Севилја, која, пак, е на минус 19 бода од местата за пласман во Лигата на шампионите, но игра во четврт-финалето на Лига Европа.
Претставници на Франција сезонава во ЛШ беа ПСЖ и Марсеј, сега на првите две позиции се ПСЖ и Ленс, Марсеј има три бода помалку, Монако шест (двата тима и по еден меч помалку), 11 бода помалку има Лил…, на осум кола пред крајот на сезоната. Од Франција два тима директно ќе се пласираат во групната фаза на ЛШ, а третопласираниот клуб ќе игра во квалификациите.
Од Италија во групната фаза на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување сезонава настапија Наполи, Милан, Интер и Јувентус, а во моментов, на девет кола пред крајот на сезоната, на места за пласман во Лигата на шампионите се Наполи, Лацио, Рома и Милан. Интер има еден бод помалку од Милан, Аталанта четири, Јувентус, кој, како и Рома, игра во четврт-финалето на Лига Европа, има осум бода помалку од местата за пласман во ЛШ… Г.М.


ПЕТТЕ НАЈСИЛНИ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА

АНГЛИЈА
ПО 30 КОЛА СЕЗОНАВА ВО ЛШ
Арсенал Манчестер С.
Манчестер С. Ливерпул
Манчестер Ј. Челси
Њукасл Тотенхем
ГЕРМАНИЈА
ПО 27 КОЛА СЕЗОНАВА ВО ЛШ
Баерн Баерн
Борусија Д. Борусија Д.
Унион Берлин Баер
Лајпциг Лајпциг
Ајнтрахт
ШПАНИЈА
ПО 28 КОЛА СЕЗОНАВА ВО ЛШ
Барселона Реал Мадрид
Реал Мадрид Барселона
Атлетико М. Атлетико М.
Сосиедад Севилја
ИТАЛИЈА

ПО 29 КОЛА СЕЗОНАВА ВО ЛШ
Наполи Милан
Лацио Интер
Рома Наполи
Милан Јувентус
ФРАНЦИЈА
ПО 30 КОЛА СЕЗОНАВА ВО ЛШ
ПСЖ ПСЖ
Ленс Марсеј
од Франција два тима одат директно во ЛШ, третиот игра квалификации