Фото: Игор Бансколиев

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во пријателски натпревар ја совлада селекцијата на Фарски Острови со 1:0. Стрелец на победничкиот гол беше Бојан Миовски во 81. минута.

„Црвено-жолтите“ заслужено победија на арена „Тодор Проески“ во Скопје, имаа повеќе шанси, но и гостите два пати сериозно се заканија.

Селекторот Благоја Милевски испроба неколку фудбалери кои не се стандардни во националниот тим.

Македонците стигнаа до втора последователна победа. Во четвртокот исто така на домашен терен ја победија Малта со 2:1 во квалификациите за Еуро 2024.

Следните квалификациски натпревари „рисовите“ ќе ги играат во јуни, против Украина дома и со Англија на гостински терен.