Фото: „Нова Македонија“

На црвено-жолтите за обезбедување пласман во повисок ранг им треба еден бод од преостанатите два меча дома, во ноември. Но Македонија со уште две победи ќе биде високопласирана на ранг-листата на победниците на групите во лигата Ц, што ќе биде важно при одредувањето на учесниците во плејофот за СП 2026. Според најавите за одредување на учесниците во плејофот, ако Македонија биде најдобра меѓу победниците на групите во лигата Ц, за влез во баражот ќе ѝ треба пет од победниците на групите во лигите А и Б да бидат пласирани на СП или во баражот преку квалификациите. Ако биде втора, шест победници…

ФУДБАЛ – СО НОВАТА ПОБЕДА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ, ЛИГА Ц

Македонската фудбалска репрезентација со победата на гости кај селекцијата на Ерменија со 2-0 речиси го обезбеди првиот пласман во лигата Б на Лигата на нациите и се доближи до можноста да игра во нов бараж за пласман на светските првенства (СП), овој пат за Мундијалот во 2026 година. На црвено-жолтите за обезбедување на првото место во групата 4, во лигата Ц, им треба еден бод од преостанатите два меча дома, во ноември, со селекциите на Летонија и на Фарските Острови или, пак, Летонија да не победи на двете средби идниот месец, со Македонија на гости и со Ерменија дома. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови, прво што решава е меѓусебниот резултат.
Но Македонија со уште две победи ќе може да биде високопласирана на вкупната ранг-листа на Лигата на нациите и меѓу првопласираните селекции во лигата Ц, што, според најавите, ќе биде важно при одредувањето на учесниците во плејофот за пласман на Мундијалот што треба да се игра во САД, Канада и во Мексико. Избраниците на селекторот Благоја Милевски по четири кола имаат 10 бода.
На СП 2026 директно треба да се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи. За преостанатите четири места, 16 селекции ќе играат во плејофот, и тоа 12 второпласирани во групите и четири победници на групите во лигите А, Б, Ц и Д во Лигата на нациите, но кои преку редовните квалификации не се пласирале директно на СП или не влегле во плејофот како второпласирани.
Така, ако Македонија биде најдобра меѓу победниците на групите во лигата Ц, за влез во баражот ќе ѝ треба пет од победниците на групите во лигите А и Б да бидат пласирани на СП или во баражот преку квалификациите. Ако биде втора, шест победници, ако биде трета, седум…

Во квалификациите за Светското првенство во 2022 година, на пример, во плејофот за пласман на тој Мундијал од Лигата на нациите влегоа само две првопласирани на групите, и тоа втората и третата најдобра селекција меѓу победниците во лигата Б, откако четири од лигата А и една од лигата Б или директно се пласираа на Мундијалот или влегоа во плејофот како второпласирани. Македонија во тој плејоф за пласман на СП 2022 влезе како втора во групата во редовните квалификации, зад репрезентацијата на Германија, а потоа во плејофот ја победи Италија и загуби од Португалија.
Со пласман во лигата Б, можни ривали на Македонија во следниот циклус на Лигата на нациите се четири селекции што ќе испаднат од актуелната лига А (последнопласирани во групите) и уште три победници на групите во лигата Ц. Покрај тие осум селекции, во лигата Б ќе настапат и селекциите што ќе обезбедат настап во лигата Б преку плејофот во кој ќе играат второпласираните во лигата Б и третопласираните во лигата А, но и баражот за опстанок, во кој ќе учествуваат третопласираните во лигата Б и второпласираните во лигата Ц. Н.М.


ЛИГА Ц, ГРУПА 4

Ерменија – Македонија 0-2
Ф. Острови – Летонија 1-1

ТАБЕЛА
Македонија 4 3 1 0 8-1 10
Ерменија 4 1 1 2 6-7 4
Летонија 4 1 1 2 3-8 4
Ф. Острови 4 0 3 1 4-5 3

Следни мечеви: Македонија – Летонија, Ерменија – Фарски Острови (двете на 14 ноември), Македонија – Фарски Острови, Летонија – Ерменија (двете на 17 ноември).