Доминик Ливаковиќ ја слави победата/Фото: Твитер - ФИФА Светско првенство

Фудбалската репрезентација на Хрватска е првиот полуфиналист на Светското првенство во Катар откако го совлада фаворизираниот Бразил на пенали со 4-2, во мечот кој заврши 1-1 по 120 минути игра.

Актуелниот светски вицешампион успеа да издржи бројни налети на Бразилците, освен голот на Нејмар во судиското надополнување од првото продолжение, но и да се врати во игра преку изедначувачкиот погодок на резервистот Бруно Петковиќ во 117-та минута.

На голот на Хрватска блескаше Доминик Ливаковиќ (забележа вкупно 11 одбрани) кој во повеќе наврати ги бранеше ударите на Нејмар, Пакета и Ришарлисон, а потоа го сопре и шутот на Родриго во пенал-серијата (негов четврти одбранет пенал на турнирот). Покрај Родриго, пенал не успеа да реализира ниту Маркињос, додека за Хрватска погодија сите четири изведувачи.

„Ѕид“, „титан“, „херојот на Хрватска“, гласат дел од пофалбите во светските медиуми за голманот на Динамо Загреб, додека „И-ес-пи-ен“ вели „направете му на Ливаковиќ споменик во Хрватска“, по блескавата партија на хрватската единица.

„Коцкестите“ ја добија четвртата пенал-серија во низа на мундијалите, откако во претходната фаза ја елиминираа и Јапонија по изведување на удари од белата точка, а двапати славеа на тој начин и на претходното Светско првенство во Русија во 2018 година.

Хрватска во полуфиналето ќе игра со подобриот од вечерашниот дуел помеѓу Холандија и Аргентина.