Според пласманот на табелите, во осминафиналето сезонава најмногу може да има клубови од десет земји, колку што имаше во рекордната сезона 2015/2016

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Нови четири тима, сега се вкупно девет, од седум земји, се пласираа во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) по петтото коло на групите Е, Ф, Г и Х. Синоќа се играа мечевите од групите А, Б, Ц и Д, од каде што пласман меѓу 16-те најдобри тима сезонава во ЛШ можеа да обезбедат уште четири клуба.
Она што досега е сигурно е дека како првопласирани во групите во ждрепката за осминафиналето ќе влезат Челси и Манчестер сити, а како второпласирана Борусија Дортмунд. Ждрепката за осминафиналето е полудиригирана, па првопласираните не можат да се сретнат меѓу себе, а нема да има ниту двојки со тимови од иста земја и со екипи што веќе играле меѓу себе во групната фаза.
Досега пласман во осминафиналето обезбедија Челси и Манчестер сити од Англија, Баерн и Борусија Дортмунд од Германија, Наполи од Италија, Бриж од Белгија, Бенфика од Португалија, ПСЖ од Франција и Реал Мадрид од Шпанија. Според пласманот на табелите, во осминафиналето сезонава најмногу може да има клубови од десет земји, колку што имаше во рекордната сезона 2015/2016. Лани меѓу 16-те најдобри играа клубови од осум земји, а најмалку, од пет, имаше во сезоната 2019/2020.
Досега од Лигата на шампионите се елиминирани Ренџерс, Динамо, Јувентус, Плзен, Селтик и Копенхаген. Од нив, Копенхаген и Селтик ја завршуваат европската сезона, а во Лига Европа како третопласирана досега се пласира Севилја.
Копенхаген го почна натпреварот со Севилја на гости со шест тинејџери и со тоа постави нов рекорд во елитното европско фудбалско клупско натпреварување.


Мбапе поведе на две ранг-листи

Килијан Мбапе постигна два гола во победата на ПСЖ на мечот со Макаби Хаифа, со 7-2, и изби на првото место на листата на стрелците во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со вкупно шест гола, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. По пет погодока сезонава постигнаа Ерлинг Холанд (Манчестер сити), Роберт Левандовски (Барселона, од четири кола) и Мохамед Салах (Ливерпул, од четири кола). Мбапе води и на листата на која се собираат головите и асистенциите. Тој на шесте гола додаде и две асистенции, за вкупно осум бода, а на таа листа потоа се неговиот соиграч Лионел Меси со седум, Лирој Сане (Баерн) со шест итн.


ДОСЕГАШНИ ОСМИНАФИНАЛИСТИ

Челси Англија
Манчестер сити Англија
Баерн Германија
Борусија Д. Германија
Клуб Бриж Белгија
Наполи Италија
Бенфика Португалија
ПСЖ Франција
Реал Мадрид Шпанија