Со последните пет гола, Халанд стигна до вкупно 33 погодоци на 25 одиграни натпревари во ЛШ, патем стана најбрзиот играч што стигнал до 30 гола во ЛШ, но и најмладиот во историјата на ова натпреварување, со 22 години и 236 дена
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Фудбалерите на премиерлигашот Манчестер сити се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) откако во реваншот на свој терен со 7-0 го елиминираа бундеслигашот Лајпциг. Во првиот меч резултатот беше 1-1. Повторно во центарот на вниманието беше норвешкиот фудбалер Ерлинг Халанд, кој постигна дури пет гола (22, 24, 45+2, 53 и 57 минута), со што стана третиот играч во историјата на најелитното фудбалско натпреварување што дал толку погодоци на еден натпревар, по Аргентинецот Лионел Меси (за Барселона против Леверкузен во 2016) и Луиз Адријано (за Шахтјор против Бате Борисов во 2014). Халанд успеа да постигне хет-трик уште во првите 45 минути. Преостанатите голови ги постигнаа Илкај Гундоган (49) и Кевин де Брујне (90+2).
Со последните пет гола, Халанд стигна до вкупно 33 погодоци на 25 одиграни натпревари во ЛШ, патем стана најбрзиот играч што стигнал до 30 гола во ЛШ, но и најмладиот во историјата на ова натпреварување, со 22 години и 236 дена.
Напаѓачот на Манчестер сити веќе надмина неколку големи имиња на светскиот фудбал на вечната листа на стрелците во ЛШ, како што се Патрик Клајверт, Рој Мекеј, Давид Трезеге (сите по 29 гола), Самуел Ето, Франциско Хент, Рикардо, Кака, Антоан Гризман, Вејн Руни (сите по 30), Арјен Робен (31), а се изедначи со Фернандо Мориентес, додека легендарниот Герд Милер има еден гол повеќе.
Хет-трикот на Халанд беше петти за Манчестер сити во сите натпреварувања сезонава, три повеќе од кој било друг играч во најдобрите пет европски лиги. Исто така, тој го собори клупскиот рекорд по бројот на голови во една сезона. Досега го држеше Томи Џонсон (38), постигнат во 1929 година. Доколку менаџерот Пеп Гвардиола не го извадеше Халанд од игра во 63-та минута, можеби ќе паднеше уште некој рекорд.
– Кога излегував од теренот, само му кажав на Гвардиола дека сакав да постигнам двоен хет-трик, но што може да се направи сега – беа првите зборови на Халанд по натпреварот.
Пласман во четврт-финалето по 12 години апстинирање обезбеди и Интер од Милано, кој во Порто, против истоимениот клуб, успеа да одигра без голови, па предноста од првиот меч (1-0) пред своите навивачи се покажа како решавачка.
Порто беше подобриот противник на овој дуел, а најубавите шанси ги пропушти во последните минути од средбата, кога играчите на домашниот тим ги погодија гредата и стативата.
Манчестер сити и Интер своите идни противници ќе ги дознаат в петок, кога е и закажана ждрепката за следната рунда.
Вчера се играа уште два натпревара од осминафиналето во ЛШ, Наполи против Ајнтрахт Франкфурт (првиот меч беше 2-0 за италијанскиот претставник) и Реал Мадрид против Ливерпул (првиот меч заврши со победа на шпанскиот клуб на гости со 5-2). Г.И.
Осминафинале, ЛШ
Манчестер С. – Лајпциг 7-0
Порто – Интер 0-0
вчера
Наполи – Ајнтрахт 2-0 (прв меч)
Реал М. – Ливерпул 5-2 (прв меч)