Фудбалерите на Манчестер сити ја освоија Лигата на шампионите совладувајќи го Интер со 1-0 во финалето одиграно вечерва во Истанбул.
Родри беше стрелец на решавачкиот гол во 68-та минута по невнимание во одбраната на италијанската екипа.
Фаворизираниот англиски првак имаше посед во поголемиот дел од средбата, но тешко доаѓаше до изгледни ситуации за погодок против добро поставениот ривал, се до ударот на шпанскиот интернационалец.
„Нероаѕурите“ по водството на противникот имаа изгледни прилики преку Федерико Димарко кој ја погоди гредата од голот на Едерсон и преку резервистот Ромелу Лукаку, чиј удар со глава од непосредна близина го сопре бразилскиот голман на Сити. Едерсон во самата завршница од средбата го сопре и ударот со глава на Робин Госенс.
За „граѓаните“ ова е прв трофеј во ЛШ, со што ја заокружија импресивната сезона во која стигнаа до тројна круна по освојувањето на англиската Премиер-лига и на ФА-купот. Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, по третпат во кариерата ја освои ЛШ, откако славеше со Барселона во 2009 и во 2011 година.
Интер останува на трите трофеи европски првак, од кои последниот го освои во 2010 година кога дресот на миланската екипа го носеше еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња Горан Пандев.