ФУДБАЛ

Германските фудбалери ќе добијат по 400.000 евра доколку триумфираат на Светското првенство (СП) во Катар годинава. Освојувањето на второто место, односно пораз во финалето, ќе биде наградено со 250.000, а на третото место со 200.000 евра, соопшти Фудбалскиот сојуз на Германија (ДФБ).

Бонусот за освојување на титулата е зголемен за 50.000 евра во споредба со претходниот турнир на СП 2018 година во Русија, кога бранителот на титулата од СП 2014, Германија, испадна во првата рунда. За триумфот на СП во Бразил во 2014 година, играчите добија бонуси од по 300.000 евра.

За минувањето на групната фаза во Катар, германските фудбалери ќе бидат наградени со по 50.000, за пласманот во четврт-финалето со по 100.000, а во полуфинале со по 150.000 евра.

Германија на СП во Катар ќе игра во групата Е, со Шпанија, Костарика и Јапонија. Турнирот започнува на 20 ноември, а Германија ја отвора својата кампања против Јапонија на 23 ноември..
– Имавме интензивни дискусии во добра и конструктивна атмосфера и најдовме прифатливо решение за сите – изјави претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф, по состанокот со Мануел Ноер, Томас Милер, Џошуа Кимих и Илкај Гундоган. Л.Д.