Фото: Игор Бансколиев

Репрезентацијата на Франција сега е победник и на Медитеранските игри (за фудбалери до 18 години), а претходно и на ЕП 2022 до 17 години, на СП 2018 и лански победник на Лигата на нациите за сениори

ФУДБАЛ

Фудбалската репрезентација на Франција (играчи до 18 години) е победник на Медитеранските игри (МИ) во Оран, по триумфот над Италија во финалето со 1-0, пред околу 25.000 гледачи. За „триколорите“ ова е втора титула во оваа конкуренција, прва по 1967 година во Тунис, кога златото го поделија токму со Италија.
На МИ право за настап имаа фудбалери родени по јануари 2004 година. Со освоената титула на МИ, фудбалските репрезентации на Франција продолжија со добри резултати, особено по освојувањето на титулата европски шампион во категоријата до 17 години, во почетокот на јуни. Франција освојувала повеќе титули на најзначајните натпреварувања во повеќе категории, како по две титули светски првак (1998 и 2018-та), европски шампион (1984 и 2000-та) и победи на Купот на конфедерациите (2001 и 2003-та), потоа злато од Летните олимписки игри во 1984 година, ланскиот триумф во Лигата на нациите итн. Во помладите категории, Французите беа светски прваци до 20 години (во 2013-та), европски до 21 година (1988), трипати европски до 19 години (2005, 2010 и 2016), трипати до 17 години (2004, 2015 и 2022) итн. Л.Д.